Избодена новоизбрана германска градоначалничка, се бори за живот


 

Новоизбраната градоначалничка на германскиот град Хердек во Северна Рајна Вестфалија, Ирис Сталцер (57), се бори за живот откако беше нападната со нож пред нејзиниот стан. Властите потврдија дека политичарката од Социјалдемократската партија (СПД) е пронајдена во критична состојба со повеќекратни убодни рани, објавува ДВ.

Според првичните извештаи, нападот се случил околу пладне. Сталцер била нападната пред влезот на зградата, по што успеала да се одвлече во станот пред да се сруши. Итните служби, кои први пристигнале на местото на настанот, ја пронашле во животно-загрозувачка состојба и таа била итно однесена во болница.

Нејзините посвоени деца, 15-годишен син и неговата 17-годишна сестра, биле во станот во времето на нападот. Тие ја повикале полицијата. По пристигнувањето на местото на настанот, полицијата го привела 15-годишникот, објавува „Билд“. Момчето било врзано со лисици и облечено во судско одело во полициското возило. Според истражителите, оваа постапка била неопходна за да се спречи прикривање или уништување на докази.

Уапсеното момче наводно им кажало на полицајците дека неговата мајка била нападната на улица од неколку непознати мажи.

Полицијата започна обемна потрага по сторителот, а истражителите обезбедуваат докази на местото на злосторството. Мотивот за нападот, како и идентитетот на напаѓачот, сè уште не се познати.

Шталцер (57) неодамна ја презеде функцијата градоначалник, откако го победи својот противник од Христијанско-демократската унија (ЦДУ) Фабијан Конрад Хас со 52,2 проценти од гласовите во вториот круг од изборите на 28 септември. Таа е адвокат специјализиран за трудово право и мајка на двајца тинејџери, и е активна во локалната политика во овој град со околу 20.000 жители со години.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц (ЦДУ) изрази длабок шок од нападот.

„Добивме вест за гнасниот чин од Хердек. Ова сега мора брзо да се разјасни. Стравуваме за животот на назначената градоначалничка, Ирис Сталцер, и се надеваме на нејзино целосно закрепнување“, напиша Мерц на платформата Икс. „Моите мисли се со нејзиното семејство и најблиските“.