Италијанците утре излегуваат на избори на кои е можна историска победа на екстремната десница
Италијанците утре ќе гласаат на, како што се нарекуваат клучни избори, во време кога Европа страда од последиците од руската војна во Украина.
За првпат во Италија по завршувањето на Втората светска војна, овие избори може да доведат на чело на владата лидер на екстремната десница, шефицата на партијата на Браќата на Италија, Џорџа Мелони.
Огромните трошоци за енергија и брзото зголемување на цените на основните производи како лебот, што се последица на руската инвазија врз Украина, тешко погодија многу италијански семејства и бизниси.
Во такви мрачни околности, Џорџа Мелони и нејзината партија Браќа на Италија со неофашистички корени и програма во која се Бог, татковината и христијанскиот идентитет, се чини дека водат според предизборните анкети.
Изборите би можеле да бидат тест за тоа дали екстремно десничарските чувства зајакнуваат во 27-члената ЕУ. Неодамна, една десничарска партија во Шведска се здоби со популарност преку искористување на стравовите на луѓето од криминалот, потсетува Бета.
Главниот партнер во сојузот на Џорџа Мелони е десничарската партија Лига на Матео Салвини, која ги обвинува мигрантите за криминал. Салвини долго време е идеолошки поддржувач на десничарските влади во Унгарија и Полска.
– Избори среде војна, среде енергетска криза и на почетокот на, како што изгледа, економска криза … се речиси по дефиниција одлучувачки, рече Натали Токи, директорка на Институтот за меѓународни односи со седиште во Рим.
– Рускиот претседател Владимир Путин, кој нареди инвазија на Украина на 24 февруари, се обложува дека „Европа ќе пукне“ под тежината на економските и енергетските проблеми предизвикани од војната, изјави Токи.
Салвини, кој има база на гласачи меѓу сопствениците на бизниси во северниот дел на Италија, претходно носеше маици за поддршка на Путин. Тој, исто така, го доведе во прашање колку е мудро да се задржат западните економски санкции против Русија, наведувајќи дека тие можат да бидат премногу штетни за италијанските економски интереси.
Објавувањето на резултатите од анкетите беше прекинато 15 дена пред утрешните избори, но претходно тие покажаа дека најмногу гласови ќе освои партијата на Џодџа Мелони, веднаш пред централно-левичарската Демократска партија предводена од поранешниот премиер Енрико Лета.
Сојузот во кампањата што ја поврзува Мелони со конзервативните сојузници Салвини и поранешниот премиер Силвио Берлускони има јасна предност пред Лета во сложениот италијански систем за распределба на места во парламентот.
Лета залудно се надеваше дека ќе формира сојуз со левичарското популистичко Движење пет ѕвезди, најголемата партија во владата во заминување.
Иако ова е тешко време за Европа, излезноста на утрешните избори може да биде најниска досега во Италија. На претходните избори во 2018 година имаше рекордно ниска излезност од 73 проценти. Лоренцо Преглиаско, кој раководи со компанија за испитување на јавното мислење, вели дека овој пат одѕивот би можел да падне и до 66 отсто.
На чело на владата во заминување е поранешниот шеф на Европската централна банка, Марио Драги. На почетокот на 2021 година, италијанскиот претседател го покани Драги да формира влада на единство по распаѓањето на втората владејачка коалиција на лидерот на Движењето пет ѕвезди Џузепе Конте.
Како што рече Преглиаско, „во очигледен парадокс“ анкетите покажуваат дека „повеќето Италијанци го сакаат Драги и мислат дека неговата влада работела добро“, а сепак Џорџа Мелони, единствениот лидер на водечката партија која одби да се приклучи на коалицијата на Драги, води според анкетите.
Според Токи, партијата на Џорџа Мелони е толку популарна само затоа што е нова.
Драги рече дека не сака уште еден мандат како премиер.