Италија: Сите работници (и приватни и државни) мора да имаат сертификат за да работат


Италија сака да го вакцинира огромниот дел од населението пред да стигнат студените есенски денови (Фото: АП)

Италија ќе побара од целата работна сила во земјата да покаже здравствен пасош или ќе добие суспензија од работа.

23-те милиони вработени во јавниот и приватниот сектор во Италија ќе треба да покажат таканаречен Зелен пасош – кој обезбедува доказ за вакцинација, негативен тест или неодамнешно опоравување од инфекција – за да избегнат санкции кои вклучуваат и казни до 1.500 евра.

Италија беше најтешко погодената земја во Европската унија во однос на смртните случаи од корона вирусот и сака да достигне висока вакцинација пред да стигне посвежото есенско време, со цел да се намали ризикот од појава на други варијанти.

Кабинетот во четвртокот едногласно го одобри правилото, кое ќе стапи на сила на 15 октомври.

Работниците кои одбиваат да презентираат валиден здравствен сертификат ќе бидат суспендирани без плата, но не можат да бидат отпуштени, изјавија министрите за новинарите.

Министрите рекоа дека целта на мерката е да ги заштити бизнисите и да го максимизира растот со избегнување на понатамошни заклучувања.

Министерот за јавна администрација Ренато Брунета рече дека станува збор за „обемен, комплексен, извонреден потфат“, каков што не е виден никаде на друго место во Европа.

Со сегашното темпо, Италија ќе има 81-82 проценти од населението вакцинирано до средината на октомври, но тоа не е доволно за имунитетот на стадото да ги направи сите безбедни, рече Брунета. „Наскоро есен, температурите се ниски, циркулацијата на вирусот се зголемува и ја зголемува веројатноста за варијанти кои би можеле да бидат отпорни на вакцината. Значи, немаме многу време“.

Италија веќе ги направи вакцините задолжителни за здравствените работници и бара зелен пасош за наставниците и оние кои сакаат да користат спортски сали и ресторани.