Истражување: Полните 40 години? Брзата храна и невежбањето се исто штетни како пушењето цигари
Ако полните 40 години и пушите, прекумерно консумирате алкохол или опиоиди, имате добри шанси да не доживеете осум или девет децении.
Ова можеби не е новост, но долгорочното истражување на речиси 720.000 американски воени ветерани покажа дека лошите животни навики се најлоши, барем меѓу поранешните војници, кои имаат поголема веројатност да страдаат од состојби како посттрауматско стресно нарушување отколку општата популација.
Брзата храна, лошиот сон и прекумерниот стрес во некои случаи се речиси исто толку лоши како и пушењето
За целите на студијата, тим научници предводени од Ксуан-Маи Нгуен од Универзитетот во Илиноис проучувале осум животни навики за кои се смета дека придонесуваат за здрав начин на живот, а тоа се физичка активност, правилна исхрана, неконзумирање големи количини алкохол, непушење, добра толеранција на стрес, добар сон, одржување на позитивни социјални врски и некористење на лекови против болки.
Осаменоста, брзата храна, лошиот сон и прекумерниот стрес во некои случаи се покажаа како лоши исто колку пушењето или опиоидите за секој што сака да го живее својот полн потенцијал. Студијата покажа дека физичката неактивност е исто толку лоша како и зависноста од никотин или опиоиди.
Животниот век е пократок за 20 години
Студијата, претставена на меѓународната конференција „Исхрана 2023“ во Бостон, покажа дека мажите во 40-тите години со сите осум лоши навики ќе умрат 24 години пред своите врсници кои ги немаат, а животниот век на жените најверојатно ќе се скрати за 21 година.
Пушачите, зависниците од опиоиди и оние кои едвај вежбале имале 30-45 отсто поголем ризик од смрт, а оние кои сакале да се опиваат, лошо јаделе, не спиеле доволно или биле под голем стрес имале 20 отсто поголем ризик од смрт. Слободните постари од 40 години можат да се релаксираат бидејќи „недостигот на позитивни социјални односи“ е поврзан со само 5 отсто поголем ризик од смрт.
Наодите „ја нагласуваат улогата што начинот на живот ја игра во развојот на хронични болести како што се дијабетес тип 2 и срцеви заболувања кои доведуваат до предвремен инвалидитет и смрт“, според Одделот за ветерани на САД и Медицинскиот факултет Карле Илиноис, кој предупреди дека истражувањето „не ја докажува причината“.