Историска вистина


ИЛО ТРАЈКОВСКИ

Договорите кои во врска со историските прашања ги постигаат политичарите не се пактови засновани на некаква објективна вистина, туку на договорена, нагодена вистина

 

Односите меѓу Македонија и Бугарија може сумарно и недвосмилено да се опфатат и опишат со зборовите „историја“ и „вистина“. Секако, може да се рече дека тие беа корисни и за опишување на односите со Грција. Но, нивната употребливост за спорот со Грција беше со ограничена временска важност – од почетокот на конфликтот до Преспанскиот договор. Денес т.н. историска вистина не е веќе проблем меѓу двете држави.

За  разлика од тоа, прашањето за историската вистина ги оптоварува односите меѓу Македонија и Бугарија од многу поодамна, па продолжи и по потпишувањето на договорот за Добрососедство и соработка, а очигледно ќе трае и по потпишувањето на најавениот анекс на тој договор. Траеше најмалку седумдесет и ќе трае уште најмалку седумдесет, а можеби уште десет пати по седумдесет години! Траеше и трае и пак нема да се реши. А нема да се реши затоа што тој проблем кој е чисто филозофски го поставуваат и го решаваат, за да не го решат приучени, задрти политичари, без ронка познавање на епистемолошките проблеми на витината, воопшто и на т.н. историска вистина, посебно. Од перспектива на филозофијата на познанието овој проблем не е решлив на еден и единствен начин. Од таа перспектива, наместо едно постојат најмалку три можни решенија, три можни историски вистини. Истото важи и за т.н. историски вистини кои ги блокираат македонско-бугарските односи. Тоа важи особено денешно време кое многумина го означуваат и како „пост-вистина“

Сведувањето на сите односи меѓу две толку блиски земји и народи на само еден единствен услов – услов sine qua non, без кој нема ништо меѓу нив, претпоставува обострано разбирање на тој услов на еден единствен и недвосмислен начин. Штом толку многу се вложува на таа карта нужно е двете страни да имаат исто разбирање, ист поим за т.н. историска вистина. А за тоа да се постигне потребно е да се има јасни одговори на три прашања. Тоа се прашањата дали т.н. искази за некој настан или за некоја личност кои се сметаат или треба да се прифатат како историски вистинити се, прво, искази кои имаат смисла и каква е таа; второ, дали тоа се искази кои се потврдени со факти и, трето дали тоа се искази кои укажуваат или се однесуваат само на некој одделен аспект од животот на дадената личност или даден настан или пак се однесуваат на нив како тоталитети? Значи, за да биде делотворна и да води напред политиката на историската вистина мора да се потпира врз конзистентни и одбранливи сфаќања за историската смисла, за верификација и за референтност на исказите за историските личности и настани.

Така треба согласно барањата на филозофската теорија за историската вистина. Но, така не е ниту во бугарската ниту во македонската политика на историска вистина. И овој пат политиката бега пред теоријата и знаењето. Не само што им бега, туку и ги води и им диктира што треба да усвојат како знаење и вистина и што треба да внесуваат во учебниците по историја. За тоа зборуваат книгите објавени на таа тема кај нас и кај соседите. Книгите се пишани на поттик на политичари, а ги пишувале и историчари. Пример за тоа на бугарска страна е книгата „Такава е истината“ на Цола Драгојчева  од 1980 година. Нејзината содржина неколку години претходно е објавена како дел од третиот том на нејзините пообемни мемоари во врска со македонското прашање. Во 1980 година книгата е објавена со тираж од над 50.000 примероци! Како одговор, наредната година кај нас е објавена книга со наслов „Историска вистина“ (Коробар и Ивановски). Не ми е познат тиражот, иако со сигурност може да се претпостави дека не бил ниту приближно до оној на „Такава е истината“. Но, затоа по обем (526 страни)  речиси пет пати е поголема од неа.

Ни во едната ни во другата книга нема одговори на трите прашања во врска со специфичностите на историските кажувања кои претендираат да се „продаваат“ или „предаваат“ како историски вистини. Тие стануваат тоа декаларативно и политичко ниво. Како такви се обзнануваат од „министерствата за вистината“. Во однос на овие извори на историска вистина историчарите како учени луѓе се само послушници, особено официјалните историчари кои седат во т.н. историски комисии и други слични тела. Нивниот авторитет како „научници“ служи да се оправдаат одлуките на политичарите, а не обратно.

Договорите кои во врска со историските прашања ги постигаат политичарите не се пактови засновани на некаква објективна вистина, туку на договорена, нагодена вистина. Во таа смисла, каква и да биде новата историска вистина која ќе ни биде соопштена треба да ја разбереме само како средство за размена меѓу актуелните политички елити, а не како научна вредност. Всушност, поинаку и не може да биде. Барем не овде на Балканот. Ние Балканците сме историоцентрични, сакаме приказни. Затоа со право се вели дека произведуваме повеќе историја отколку што можеме да сослушаме, прочитаме и смислено разбереме.

Историјата, но и сите општествени науки се специфичен вид науки.  Нивните искази и учења се приказни – помалку или повеќе вистинитосни, но во секој случај приказни. Прикажувања на некои за нешта. Не, во смисла на мизогиничното разбирање на оваа именка како his-story (неговата сторија/приказна) иако е точно дека кажувањата или раскажувањата за минатите настани, особено за војните и освојувањата се, главно, машка работа.

(Ило Трајковски е универзитетски професор)