Исплатата на заштедите од Еуростандард банка ќе се врши еднократно, обесштетувањето не застарува


Фото: Б. Грданоски

Фондот за осигурување на депозити денес соопшти дека обесштетувањето на депозитите од Еуростандард банка во стечај, до законски утврдениот максимален износ од 30.000 евра за физичките лица-депоненти во банката ќе се исплаќа еднократно и ќе биде достапен за исплата од денот на почеток на исплатата на обесштетувањето.
„Ги информираме физичките лица-депоненти во „Еуростандард банка“ АД Скопје во стечај дека обесштетувањето на осигурениот износ на нивниот депозит до законски утврдениот максимален износ од 30.000 евра ќе се исплаќа еднократно и ќе биде достапен за исплата од денот на почеток на исплатата на обесштетувањето, се вели во соопштението до ФОД.
Од таму додаваат дека во врска со вчерашната објава на Фондот за осигурување на депозити, секој депонент ќе има на располагање 36 месеци, односно 3 години од денот на почеток на исплатата, за кога ќе биде во можност да го оствари своето право на обесштетување во банките-исплатувачи.
„Но, правото на исплата на обесштетување не застарува. По истекот на овој временски период, депонентите односно нивните наследници кои од различни причини не можеле да го остварат своето право на обесштетување во банките-исплатувачи, исплатата на обесштетување ќе може да ја остварат преку Фондот за осигурување на депозити кој останува посветен да обезбеди обесштетување независно кога депонентот ќе достави барање за да го оствари своето право на обесштетување“, нагласуваат од Фондот.
Од таму додаваат дека веќе се подготвува распределбата на депонентите по банки-исплатувачи и се изготвуваат потврдите за депозит, со цел процесот на исплатата на обесштетувањето да се одвива максимално ефикасно и едноставно. Во текот на следните денови ќе биде соопштен датумот на којшто ќе започне исплатата.