Искушението на Синодот
Сите во Синодот многу добро знаат дека измислените наративи против Партениј се лажни тези. Но јасно е дека игуменот на Бигорскиот манастир беше исфрлен од игра за Дебарско-кичевската епархија на денот кога почина митрополитот Тимотеј
Синодот на МПЦ-ОА денеска ќе донесе историска одлука. Карактерот на „историска“ ќе произлезе и од тоа ако биде донесена и од тоа ако не биде донесена. Што и да се случи на денешната синодска седница, во полн состав, тоа ќе има историско значење. Изборот на нов митрополит на Охрид ќе значи историска пресвртница во развојот на Црквата и од процес на раст ќе премине во процес на пад. Неизборот на митрополит на Охрид ќе значи историски процес на промени кои ќе треба да стават крај на самоволијата на поединци во Црквата. Друг резултат од денешната синодска седница нема да има.
Во изминативе две недели стотици луѓе ме прашуваат зошто ништо не пишувам, зошто ништо не коментирам, дали сум свесен дека ова се историски денови, а јас немам став за најважните случувања во Црквата. Ништо не коментирав од едноставна причина што сѐ напишав и кажав во мојот коментар „Срамот од Охрид што го обиколи православниот свет“ на денот кога беше погребот на владиката Тимотеј. Иако многумина на тој текст гледаа со неверување, со обвинувања за лажни теории на заговор, со омаловажувања и ред други квалификации, еве шест месеци подоцна јавноста има јасна слика на сè она што таму е напишано. А, таму, кој сакаше и знаеше да чита, ќе прочиташе дека Партениј е исфрлен од играта за митрополит на Охрид уште на денот како почина Тимотеј.
Шест месеци, во кои поминаа серија празници – Божик, Велигден, Водици, слави, прослави, помени, администраторот на епархијата не најде за потребно ниту еднаш викарниот епископ на епархијата да оглави литургија. Напротив, таму испраќаше неколкумина владици кои служеа на тие празници. Некои од нив, таквата чест во неврзани муабети дури си ја толкувале како сигнал дека ете тие се на листата за тамошен митрополит.
На почетокот…
Во изборот на четврттиот митрополит на Дебарско-кичевската епархија, од нејзиното основање во 1968 година, има две фиксни појдовни точки. Првата е што Петар, ниту по една цена не дозволува Партениј да влезе во Синодот со право на глас. Втората фиксна појдовна точка е што Стефан нема храброст да му се спротивстави. Во тие две фиксни точки има и една која е заедничка. И двајцата ја имаат желбата да го освојат влијанието во епархијата со која управуваше Тимотеј. Сите тројца заедно низ историјата на МПЦ-ОА беа највлијателните во Црквата и секогаш во центарот на сите крупни потреси. Со тоа што Тимотеј во одредени моменти знаеше да се повлече или да ја промени страната во вечната поделеност што постоеше во Синодот. Знаеше да балансира. На едната страна беа Петар, Стефан и Тимотеј, заедно понекогаш со Горазд. На другата беа Кирил, Михаил, Гаврил. Тимотеј беше непредвидливиот глас во Синдот. Сега, по неговата смрт се случува битка за превласт врз неговиот митрополитски трон.
Иако во сегашниот состав на Синодот на МПЦ-ОА има 12 архиереи со право на глас, клучното влијание сè уште го имаат Стефан и Петар. На крајот од осумдесеттите и почетокот на деведесттите се случува првиот сериозен потрес во МПЦ. Таргет на линч е Кирил. Во таа битка, која се случува врз грбот на тогашниот архиепископ Гаврил, во обид да се обезбеди глас повеќе во Синодот, Петар, Стефан и Тимотеј одлучуваат да го направат владика игуменот во Лесново, Гаврил. Тимотеј се повлекува во последен момент, бидејќи нема легитимна одлука на Синодот, но Петар и Стефан одат во Лесново и го хиротонисуваат за епископ Велички. Неколку дена подоцна Гаврил доаѓа во Скопје на синодска седница, но портирот на Архиепископија не го пушта да влезе, со образложение дека не е епископ. Разочаран од моментот дека е изигран, се враќа во манастирот и живее уште шест месеци.
Тој прв поголем потрес во МПЦ завршува со предвремено пензионирање на архиепископот Гаврил и избор на Михаил за архиепископ. Привидниот мир меѓу Кирил и Петар останува да тлее.
Неколку години подоцна, МПЦ добива уште тројца митрополити. Наум, Агатангел и Јован. Распоредот на силите во Синодот се комплицира, а паралелно сè поизразена станува и линијата на тогаш веќе партиски влијанија во Црквата. Смртта на Михаил повторно ги отвора апетитите на Петар, особено што таа се случува во политички период кога нему блиската ВМРО-ДПМНЕ е власт. Освен Кирил, Горазд и Тимотеј, кои важат за блиски до СДСМ, останатите владици во Синдот се политички профилирани кон ВМРО ДПМНЕ. Изборот на поглавар на МПЦ минува низ два филтри. Првиот е синодскиот, од каде двајца кандидати одат на избор на Црковно-народен собор. Петар е речиси уверен дека во вакви политички околности тој е неприкосновен фаворит. Но, се случува токму спротивното. Кирил, пред сè поради потребата себеси да се заштити, бидејќи во случај Петар да стане архиепископ, нему јамката му е врзана, решава иден поглавар да биде Стефан. Млад, близок до ВМРО ДПМНЕ, амбициозен, но би бил и соработлив и еден вид компромис, но од друга страна би бил раздвоен од влијанијата и интересите на Петар, со што, пак, конфликтот Петар-Кирил би се продлабочил и на Петар-Стефан. За да може Стефан да биде избран на Црковно-народен собор, потребно е Петар да испадне во синодската елиминација. Тоа и се случува. На Црковно-народниот собор одат Стефан и Тимотеј. Таму изборот го прават мирјаните, сите до еден членови на ВМРО-ДПМНЕ, и избран е Стефан.
Јован втората жртва
Само четири години подоцна се случува вториот и досега најсериозен потрес во МПЦ. Јован, веројатно свесно, е жртвата на тие најнови случувања. Ако од денешна дистанца се анализираат настаните, јасно се гледа дека преговорните процеси до Нишкиот договор траат речиси четири години, голем дел од нив сè уште тајни за јавноста. Во тие процеси е вклучен целиот Синод на МПЦ и тие многу наликуваат на она што се случуваше последните шест-седум години пред решението за признавање на МПЦ. Сите оние приказни за некакви подметнувања на документи од СПЦ, па потписи, се приказни за мали деца. Целиот Синод, а особено главните актери, меѓу кои и тогаш веќе поглаварот Стефан, знаат каков резултат ќе донесе комисијата за преговори по средбата во Ниш. Без разлика на тоа, оној спорен дел од договорот, во кој не се предвидува временски рок за препознавање и претставување пред Вселенската патријаршија од страна на СПЦ за автоекфален статус на МПЦ, ќе биде клучен за масовниот отпор на јавноста, но и на дел од црковните структури. Зошто тој дел од договорот не е добро издефиниран е проблем на креаторите, кои подоцна ќе се повлечат, иако некои од нив и јавно го бранеа, а други тоа го правеа со молчење.
За разлика од нив, Јован ќе ја направи најкардиналната грешка, веројатно поведен и од илузијата дека ја има поддршката од народот и монасите, бидејќи тоа беа години кога тој уживаше силен и моќен авторитет во јавноста, што, пак, реално го загрозуваше комодитетот на моќните во Синодот. На таа негова одлука да оди контра моќните, мислејќи дека е моќен, преку ноќ ќе му се случи народ. Во случајот на Јован, токму народот беше инструиран да му пресуди, а Синодот го направи она што, наводно, народот го бараше.
Партениј – третата жртва?
20 години подоцна, Јован повтроно е во МПЦ-ОА. Истиот народ, кој му пресуди, денес му прости, го прифати, го интегрира, бидејќи за потребата од големото единство, така сакаа истите владици кои претходно го прогонија. И токму сега, кога МПЦ-ОА, по 55 години ја извојува својата битка за вистината, кога во име на мирот и на единството, и народот и Црквата се помирија со Јован, но и Јован се помири со своите прогонители, кога МПЦ-ОА треба да продолжи да го јакне своето единство, да расте како Црква, а не како партиско-политички комитет, некој во Црквата повторно е жеден за жртва.
Повторно е жеден за конфликти, за прогласување непријатели, предавици и сè тоа мотивиран од потребата да се опстане на тронот на моќта, таму во црковната средина, каде што се случуваат процесите. Затоа што во една мирна Црква, во една црковна заедница во која ќе се гледа плодот на делата, тој жедниот за крв е неважен, небитен, бидејќи е неспособен да ги воздигне своите благодатни дела на кантарот на кој општеството ќе може да им ја измери вредноста. И токму затоа, за да не потоне, за да не го снема, за да остане на површината, нему му се потребни нови непријатели, кои тој ќе ги прогласува за предавници, а себеси за бранител на Црквата и нацијата.
Сценариото за елиминација на Партениј има два дела. Првиот е да спречи негов избор за митрополит, во што сосема јасно е дека се успева. Но, вториот, поопасниот дел треба да следува подоцна, а тоа е процес на растурање на монашката заедница на Партениј, целосна негова дискредитација и доведување до ситуација тој самиот да го повлече чекрото против себе. Релизацијата на тоа сценарио ќе биде со многу искушенија, кои треба да го скршат и натераат да го направи тоа што го направи Јован. А потоа, потоа сè е лесно. Потоа сè се завршува во 24 часа. Па нели тоа и го „прорекол“ еден од нашите владици додека беа во Цариград во 2022 година.
Но, тоа замислено сценарио со Партениј ќе оди многу потешко, бидејќи тоа се гледа и од онаа инструирана хајка од еден центар овие две недели. Главниот таргет на напади се движи на релацијата бугараш-гркоман, и тоа поради две-три изјави и настани од пред неколку години, кои во тој период имаат и свои цели и свои намери, а се поврзани со големите процеси за признавање на МПЦ-ОА. Ако мислат дел од владиците дека денес тие ќе го лижат маслото од финалето на тој процес, кој заврши на 9 мај 2022 година со признавање на канонското единство на МПЦ, па еве и со тој „томос“ од СПЦ, како што сакаат да го претстават некои како финале, а Партениј, кој беше директно вклучен во процесот, како истурен играч, да биде сосема исфрлен, треба да знаат дека јавноста ќе ги има на увид на сите, засега тајни коресподенции, на кои стојат потписите на сите владици, освен потписот на Партениј.
Тие кои тогаш се криеја, а сега сакаат да си ја присвојат заслугата, кога Партениј и уште два-тројца, требаше јавно да се офираат, приказните за некакви бугаршко-гркофилство, можат да ги раскажуваат по месни комитети, бидеќи ниту во централата не им поминуваат. Сите во Синодот многу добро знаат дека измислените наративи против Партениј се лажни тези, а на сценаристите тие им се главниот адут за негово оцрнување. Немаат други, немаат друго црнило да фрлаат врз него.
Но, сепак во овие и вакви констелации на односите во МПЦ-ОА, особено политичките процеси, изборот на Партениј за митрополит на целата епархија едностано беше невозможна мисија. Од тие причини и оние протести во негова поддршка беа крајно контрапродуктивни. Без разлика што некои верници, негови поддржувачи, сметаат дека така му вршат услуга. Но, добро е што тие завршија.
Георгиј има шанса
Одлуката на професорот Ѓоко да се замонаши и како Георгиј да ѝ служи на Црквата е негов личен избор и никој нема право да му суди, да го цени или оценува неговиот подвиг. Но, напредувањето во монашката хиерархија е процес подложен на оценки на јавноста, бидејќи едно е да се биде монах во својата монашка ќелија, а сосема друго е да се биде митрополит од чии одлуки понекогаш е засегнато целото (црковно) општество. И тука тој не треба да има каков било сомнеж дека критиката на јавноста во иднина ќе му биде секојдневен сопатник, за разлика од годините кога од позицијата професор, можел да избира дали ќе биде присутен или не во јавноста. Јас немам намера да го оценувам неговиот квалитет, капацитет, подготвеност, бидејќи тоа не е моја работа, но процесот, патот по кој брзорастечки се движи неговиот монашки напредок, а и изборот за епископ и митрополит, е предмет на анализа. МПЦ-ОА изминативе речиси две децении, и кога беше во шизма, покажа дека е жива Црква и дека знае да го оди канонскиот пат. Токму изборот на последните десетина владици беше најголемиот доказ за тоа. Сите тие произлегоа од монашкиот ред, некои и по повеќе од двасетина години монашки стаж. Тоа беше столбот на црковната иднина, за кој и некои соседни цркви подзавидуваа. Изборот на Георгиј за митрополит, за само 16 дена од замонашувањето, е враќање на МПЦ-ОА во шеесеттите-седумдесеттите години, кога за таквите чекори имало реално оправдување. Навредливо и самопонижувачко е за самата Црква на иста сиднодска седница некој да биде избран и за архимандрит и за епископ и за митрополит. Ирелевантно е дали статутарно и уставно тој изборее во ред. Едно од прашањата е што толку се брза или кој толку некого брза?
Но, јас поинаку гледам на овој избор и лично мислам дека неговиот избор е веројатно компромисот што архиепскопот го прави меѓу невозможното, откако претходно пропаднале сите обиди да обезбеди мнозинство за некое друго име. Затоа што ако Георгиј бил изборот на Стефан уште од почетокот, неговото замонашување ќе се случеше многу порано. Тој веројатно бил планот „Б“.
Токму од тие причини, сакам да верувам дека Георгиј ќе биде браникот од спроведување на вториот дел од сценариото на Расипникот за уништување на секоја плодна гранка во МПЦ-ОА. Од неговите митрополитски постапки ќе зависи и неговото достоинство. Многу му се даде одеднаш, многу ќе му се бара да го оправда тоа.
Георгиј утре ќе седне рамноправен со останатите 12 епархиски архијереи во полниот состав на Синодот. Тој, но и оние останатите, кои во последните три децении стааа владици ја имаат одговорноста за иднината на црквата. Сега сѐ што се случува во МПЦ-ОА е на увид во останатите помесни православни цркви. Заради нивното достоинство е важно да го напуштат комодитетот, а со тоа и сервилноста и послушноста кон оние кои ќе продолжат да ја влечат Црквата удолу. Нивното мнозинство е големо, а нивната моќ е непроценлива и каква било закана кон нив ќе биде празна пушка, која веќе одамна е испукана.
(Марјан Николовски е основач и уредник на специјализираниот портал „Религија“. Текстот е објавен во „Религија“.)