Иран во пламен, има ли шанса револуцијата?


Иран се соочува со најголемите протести против свештеничкиот естаблишмент во последниве години, при што властите спроведуваат брутална репресија за да ги смират растечките немири. Во светот настаните веќе добија име нова иранска револуција и  потсетуваат на настаните што претходеа на Исламската револуција во 1979 година. За разлика од тогаш кога се бараше смена на кралот Реза Пахлави, сега се бара заминување на исламистичкиот режим што го воспостави ајатолахот Хомеини. Каде ќе доведат овие протести и има ли шанси за успех новата иранска револуција – се дилеми за кои има различни моислења меѓу познавачите на состојбите во Иран. 

 Џек Голдстоун, професор по јавна политика на Универзитетот Џорџ Мејсон и еден од водечките светски научници за револуции и општествени промени, вели дека за да започне револуција, голем број луѓе треба да го оспорат авторитетот на режимот и да бараат тој да заврши.

„Тоа се случи во Иран. Значи, ние сме на почетокот на револуционерен момент. Но, многу пати во Иран го видовме ова, а режимот беше толку брутален колку што беше потребно за да ги запре протестите.Овој пат се чини дека е најголема заканата за режимот бидејќи сите се вклучени. Главниот град, помалите градови, старите луѓе, младите луѓе и луѓето кои се трговци во чаршијата ги затвораат своите продавници. Значи, за мене, [ова] се најраспространетите протести, и географски и во однос на различни групи, што сум ги видел од масовните улични протести што следеа по спорните претседателски избори во 2009 година“, оценува Голдстоун.

Дали револуцијата ќе успее или не успее според него зависи од решителноста на Корпусот на Исламската револуционерна гарда, Басиџ [паравоена сила] и какви било други сили што врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи може да ги вклучи.

„Револуцијата е процес. Може да започне, може да запре, може да пропадне, може да успее. Дури може да успее и да се врати назад. Хамнеиго помина својот живот бранејќи ја  (својата) револуција. Тој смета дека е света одговорност е да ја заштити револуцијата. Затоа, тој ќе направи сè што е потребно. Прашањето е, дали различните групи на кои им наредува да пукаат врз демонстрантите ќе ги следат тие наредби сега? Во минатото, тие секогаш го правеле тоа, но обично било против одредени групи. Или студенти или само луѓе во главниот град, или само луѓе во одредени провинции, или само жени.Сега се вклучени речиси сите. И тоа им отежнува на Басиџите, па дури и на Револуционерната гарда, да пукаат врз демонстрантите, бидејќи тие сè повеќе чувствуваат дека демонстрантите ги претставуваат сите, а не само еден одреден сегмент од општеството“, анализира Голдстоун.

Според него, она што е јасно е дека по толку години економски неуспеси, целосен колапс на валутата и неможноста да се заштити Иран од странски напади, режимот го изгуби кредибилитетот и легитимитетот кај поголемиот дел од населението.

Едноставно не го направи она за што дојде револуционерниот режим на власт. Не го прави Иран безбеден; не го прави Иран стабилен. Не се зачувува егзистенцијата на луѓето. Затоа, мислам дека постои општа нетрпеливост, гнев и отфрлање кое достигна повисоко ниво сега по израелските напади, по масовниот пад на валутата, отколку што сме виделе досега.

Она што не мислам дека некој го знае е дали Револуционерната гарда исто така ја изгубила довербата во режимот. Ако ја изгубила, тогаш може да побараат од Хамнеи и свештениците да се тргнат настрана додека се обидуваат да состават нова влада“, вели тој.

Тој очекува  протестите да продолжат да растат во поголеми размери и луѓето да видат дали режимот може да собере доволно репресивни сили за да ги ограничи. Но, нагласи тој, никој не може да предвиди што ќе стане во овој момент , слично  како во Египет во јануари 2010 година кога луѓето се собраа на плоштадот Тахрир.

„Никој навистина не знаеше дали армијата ќе го поддржи народот или режимот. Навистина не знаевме сè додека тоа веќе не почна да се случува.Значи, мислам дека истото важи и сега во Иран] Постои огромна надеж за промена. Но, сè додека не дознаеме дали Револуционерната гарда ќе продолжи да го поддржува режимот со сета своја сила или не, не знаеме што ќе се случи следно“, вели тој.

Околу тоа дали политиките во САД и други земји ќе играат улога во она што ќе се случи во Иран, тој има негативен одговор. 

„ Не мислам дека САД можат  да играат улога. Во овој момент, ова е помеѓу народот на Иран, раководството и војската. Америка ќе гледа; Европа ќе гледа. Тие ќе велат дека ги поддржуваат промените. Но, токму сега, во следните 48 до 96 часа ќе се случат работи што ќе покажат дали војската останува обединета во одбрана на клерикалниот режим или дали војската ќе почне да се распаѓа на различни парчиња. Некои од нив ќе стојат настрана, некои од нив ќе поддржат промени. Ќе откриеме, мислам, во следните два дена, можеби два до три дена, дали војската ќе дејствува толку енергично како што дејствуваше во минатото“, смета Голдстоун.

Во 2022 година за време на протеститевојската уби стотици луѓе, уапси многу илјадници и дилемата сега е дали  би пробале да го сторат истото , можеби дури и повеќе. Хамнеи веѓе обвини  за странско влијание и се  обидува да ги прикаже демонстрантите како непријатели на нацијата, но тоа не може да го промени моментумот, освен ако демонстрантите не се соочат со многу силен, репресивен одговор. Во спротивно, протестите ќе продолжат да растат.

(Подолу видео од иранската студентка што ја најави револуцијата, откако како протестирајќи  за наметнатите бурки се соблече јавно за да му пркоси на режимот. Светот се смрзна од нејзиниот гест, очекувајќи го она што следеше – таа беше приведена и егзекутирана). 

Али Алфонех, научен истражувач на Иран од САД исто така оценува дека Исламската Република е под силен притисок, но дека нејзиниот колапс не е неизбежен. Според него околу ситуацијата има неколку клучни  точки:

„Ајатолахот Хамнеи е широко омразен од јавноста и веќе некое време е повеќе товар отколку предност за режимот. Поради неговата напредна возраст и постојаните безбедносни грижи – вклучително и ризикот од атентат – Хаменеи е сè повеќе изолиран и во голема мера отстранет од секојдневното стратешко донесување одлуки. . Вистинската моќ сега е во рацете на де факто совет на лидерство составен од претседателот, претседателот на парламентот, шефот на судството и високи претставници од ИРГК и редовната армија.Ова колективно лидерство досега покажа релативна воздржаност во справувањето со протестите, но, сепак, нема капацитет значително да го подобри животниот стандард на краток рок – и затоа не може веродостојно да ги убеди демонстрантите да се вратат дома“, оценува тој. 

Според него, исклучувањето на интернетот низ целата земја означува нова фаза. Тоа значително ја деградира способноста на демонстрантите да се мобилизираат, координираат и да ја обликуваат динамиката на протестите, а истовремено овозможува построга репресија подалеку од јавната контрола.

„Дури и ако режимот успее да ги потисне сегашните протести со сила, структурната економска криза во Иран ќе продолжи. Како резултат на тоа, веројатни се обновени немири во блиска иднина. Соочени со оваа дилема, де факто колективното раководство може да продолжи со „венецуелска“ стратегија за преживување: да се ослободи одХамнеи, да се обрати до Доналд Трамп, да побара олеснување на санкциите, да ги покани американските нафтени компании назад во Иран, да ја стабилизира економијата и да го зачува системот. Ова сценарио е веројатно: Иранската револуционерна гарда е фундаментално различна од Империјалната армија на Шахот, која се распадна откако Шахот го напушти Иран“, предвидува тој за можните сценарија. 

Според него, Трамп се двоуми да го признае синот Реза Пахлави.

„Мислам дека треба да ги пуштиме сите да излезат таму и да видиме кој ќе се појави“, рече тој вчера. Ова може да укажува на преференцијата на претседателот за венецуелско решение. Во отсуство на договор со Трамп,  режимот веројатно ќе се соочи со пребегнувања во безбедносните служби и вооружените сили, што ќе го забрза неговиот колапс“, оценува тој. 

Антон Герашченко, доскорешен советник на министерот за внатрешни работи на Украина, напиша на Х дека 2026 година започна како агонија за иранскиот режим: економскиот шок (инфлација, девалвација, намалување на приходите) се претвори во политичка криза на легитимитетот.

„Кружат гласини за страв од можен венецуелски сценарио. Апсењето на Мадуро се чини дека оставило огромен впечаток врз раководството во Техеран и ги убедило дека САД навистина би можеле да преземат вистински мерки против лидерите, поттикнувајќи дел од елитата да се вклучат во одделни преговори со Западот.Режимот одговара на протестите со добро испробани методи – тактики на сила, затемнување на комуникацијата, контрола на информацискиот простор и закани. Опасноста за владејачките ирански елити лежи не само во обемот на протестите, туку и во ризикот тие да се претворат во одржливи штрајкови во критичните сектори (пазар, транспорт, енергија), т.е. во форма на економска парализа“, оценува тој. 

Според него, проблем е што протестното движење нема еден центар.

„Опозицијата на Хамнеи е мозаик. Постојат внатрешни кланови (реформисти/технократи: Хатами, наследниците на Рафсанџани, Рохани) кои се обложуваат на управувана транзиција и враќање кон „модернизација без дезинтеграција“. Постои религиозна опозиција (некои од властите на Ком, линијата Монтазери и Абдолхамид) што ја поткопува легитимноста на Вилајат ал-Факих и ја промовира идејата за одвојување на религијата од политиката. Постојат проекти на емиграцијата – пахлавистичките монархисти и секуларните републиканци (мрежни коалиции околу личности од дијаспората), кои се силни во медиумите, но послаби во нивното институционално присуство во земјата. Постојат радикални етно-регионални движења (курдски и белуџиски групи) способни да создадат безбедносен притисок врз центарот, но со ризик од „сепаратистичко“ врамување.

Во оваа позадина, претседателот Масуд Пезешкијан е повеќе внатрешна дисонанца отколку опозиција: формално, тој ја претставува извршната власт, но идеолошки, не се согласува со конзервативното крило и има регионална и етничка социјална поддршка. Во криза од ваков тип претседателот може да стане или „тампон“ врз кој се префрлаат неуспесите или привремен мост за компромис меѓу спротивставените страни. Потенцијалот за ситуациско приближување меѓу опозициските сегменти се појавува токму сега, поттикнат од споделената омраза кон вертикалата на моќ на Хамнеи и економскиот колапс. Но, сојузот е кревок: групите се натпреваруваат за идната форма на државата, а режимот традиционално игра на фрагментација“, смета Герашченко. 

Доколку овие услови не се усогласат, смета тој, најверојатното сценарио е репресивна стабилизација со селективни отстапки; ако се усогласат, ќе се отвори прозорец за вистинска пресвртница.

„Во услови на домашна политичка криза, надворешните закани за Техеран исто така растат. Логиката на САД и Израел се сведува на наоѓање „соодветен момент“. Јавните закани на Трамп се вклопуваат во оваа рамка, но клучниот критериум за можна интервенција не се хуманитарните аргументи, туку проценката на оперативниот успех.

Иранската криза има директни импликации за Украина. Иран беше еден од клучните сојузници на Русија, обезбедувајќи технологија и компоненти за беспилотни летала „Шахед“, синџири за заобиколување на санкциите и паралелни финансиски и логистички канали. Слабеењето или падот на режимот во Техеран би значело губење на важен центар за снабдување и адаптација на санкциите за Москва, како и значително губење на имиџот. Грубо кажано, ова би можело дополнително да го стесни кругот на стратешките сојузници на Русија“, заклучува тој во анализата на Х.