Интервју со Бојан Маричиќ: Од успехот на судските реформи зависи и успехот на Владата


Фото: Б. Грданоски

Нашата врвна цел е навремена правда за сите, вели министерот за правда Бојан Маричиќ. За таа цел треба да се обезбеди и поголем број судии и обвинители кои би се добиле преку прилагодена програма за обука на искусните стручни соработници, која би траела една наместо две години

 

Љупчо Поповски

Министерот за правда е свесен дека преку работата на неговиот ресор во многу нешта ќе зависи оценката за успехот на оваа влада. Бојан Маричиќ во интервју за „Независен“ вели дека врвна цел и на Министерството и на судовите и на обвинителите е да има навремена правда за сите. Тоа за многумина изгледа како далечна и недостижна цел, но Маричиќ уверува дека со новата енергија, големата вклученост на многубројни експерти од судската и научната фела може да се стигне до вистинските реформи. Особено поради тоа што преговорите со ЕУ ќе почнат веднаш со владеето на правото и кругот треба да се затвори токму со него.

 

Надвор од здравствената и економската криза, главните погледи на јавноста се свртени кон Министерството за правда. Граѓаните се ужасно гладни за владеење на правото. Веројатно сте свесен дека ако вие како министер и Министерството потфрлите во овие очекувања, тоа ќе се префли како неуспех на целата Влада.

Ние на граѓаните им ветивме правда и тоа ќе го оствариме. Правда во нашата земја ќе има, а Владата и Министерството со кое раководам, како носител на тој процес веќе преземаат конкретни чекори. Свесни сме дека граѓаните ќе нè ценат според успехот на Министерството за правда, но како што многу пати кажав, со многу работа, храброст и искрен пристап, правдата во нашата земја ќе биде издигната на многу повисоко ниво. Но кога зборуваме за владеењето на правото во државата, треба да сме свесни за носечката улога која ја имаат судовите и обвинителствата. Секако ние како Министерство имаме обврска да обезбедиме услови и регулатива тие да функционираат што е можно подобро. Тоа го правиме преку закони кои ги гласаат пратениците во Собранието. Само со заедничка работа на овие институции можеме да дојдеме до тоа што е наша врвна цел – навремена правда за сите.

 

Сигурно имате изготвено некакви приоритети. На што конкретно работите сега, во првите сто дена откако сте министер?

Тоа што веќе успеавме да го направиме е намалувањето на судските такси. Физичките лица наместо 48.000 денари како досега, ќе плаќаат најмногу 6.000, односно не повеќе од 100 евра. Оваа мерка е за граѓаните. Ја правиме правдата подостапна за нив што беше едно од ветувањата во предизборието. Работиме и на методологијата за прочистувањето на судството која истото така очекуваме да биде објавена во првите 100 дена. Секако, тука се и повеќе закони кои имаат за цел да се подобри работата на целиот правосуден систем. Како, на пример, закон за Академијата за судии и обвинители за да се подобри ангажирањето на обучени судии. Со овој закон стручните соработници ќе можат да одат на обука за судии по прилагодена програма со која обуката ќе биде намалена од две на една година. Има многу квалитетни стручни соработници со огромно искуство и мислам дека со тоа ќе можеме на добар начин да ги вклучиме во судските редови. Очекувам концептот за овој закон за прилагодување на програмата да се објави пред крајот на годината.

 

Приказната за донесувањето на Законот за јавно обвинителство е завршена. Сега неговите одредби треба да се имплементираат. Како оди таа имплементација?

Законот овозможи продолжување на започнатите предмети на СЈО и во тој дел можеме да речеме дека законот се имплеменитира. Се постапува секојдневно по случаите на СЈО, се одржуваат рочишта по овие предмети, а за дел од нив веќе има и пресуди. Но, тоа е само еден аспект или една добра вест која ја донесе новиот Закон за јавното обвинителство. Преку законот, суштински ќе се подобри работата на обвинителството и ќе се овозможи поефикасна борба против криминалот и корупцијата. Се зајакнуваат капацитетите на Основното јавно обвинителство за борба против организиран криминал и корупција – објавен е конкурс за пет обвинители. Од март годинава, истражните центри се целосно оперативни и функционираат, бидејќи се многу значајна алатка во борбата против криминалот. Овој месец започна конкурс за 70 нови службеници во Јавното обвинителство. Се надевам дека ќе се зголеми буџетот за обвинителството и судството за наредната година.

 

Во преговорите со ЕУ за владеење на правото ќе го вклучиме и граѓанскиот сектор: Бојан Маричиќ (Фото: Б. Грданоски)

Јавноста понекогаш има впечаток дека во првите недели пречесто се појавувавте во медиумите, а премалку најавувате што подготвувавте. Дали тоа може да ѝ наштети на вашата работа?

На врвот на листата на приоритетите на Владата се економијата и правосудството, а оттука и мораше да ги презентираме чекорите кои ги преземаме. Случувањата во правосудството е актуелна тема за која има голем интерес. Бројни прашања поврзани со прочистувањето или филтрирањето на судството и обвинителството, ревизија и мониторингот на судските случаи, пандемијата и правосудството, екстрадиции… Сметам дека треба да бидам достапен за одговори, а имајќи предвид дека работиме за граѓаните секогаш кога има прашања до мене тие треба да се одговорат. Бидејќи во првите недели од мандатот имаше повеќе прашање, логично повеќе одговарав и бев присутен во медиумите. Резултатите во овој сектор не можат да се очекуваат преку ноќ, но конкретен напредок има, а тој е забележан и во извештајот на Европската комисија. Само ќе ве потсетам дека некои судски постапки кои беа сложени веќе се завршени и тоа со брзина што во минатото не беше ни замислива.

 

Министерството со своите ресурси секако не може да ја заврши целата работа со подготвувањето на законите и целиот амбиент за владеење на правото. Колку ангажирате стручњаци од правната област да ви помогнат и има ли интерес за придонес од правната и судската фела?

Квалитетни политики и закони може да произлезат единствено од инклузивни процеси во кои се вклучени засегнатите страни, практичарите, експертите во дадената област, граѓанските организации и самите институции. Постои огромен интерес за вклученост во овие процеси, а државата се движи напред токму со несебичниот придонес на голем број експерти. Сите закони и процеси кои минуваат низ Министерството за правда го имаат тој печат и ќе настојувам таа практика да продолжи и во иднина, без разлика за која тема станува збор. Вклученоста на правосудството и фелата и нивниот придонес ќе биде клучна за најжешките реформи кои се најавени.

 

Ако би одредувале некаква ранг-листа, кои пет работи или области во правосудството се во зоната на црвено и ќе бараат најмногу труд и посветеност, а и подолго време.

Северна Македонија има добри закони од областа на правосудството кои мораа да се спроведуваат од хартија во пракса. Сите оние закони на кои во моментов се работи како Законот за кривична постапка, Законот за парнична постапка, тој за навреда и клевета, како и промената на Изборниот законик, се надеваме дека кога ќе дојде времето ќе бидат изгласани и поддржани во Собранието. До законодавниот дом веќе е испратен и Законот за попис со цел догодина, конечно после 18 години, да имаме попис на населението. Замислете, има луѓе кои оваа година стануваат полнолетни, односно ќе имаат можност да гласаат, а никогаш не биле попишани.

 

До крајот на годината би требало да се одржи првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ (ако се избегне блокадата на Бугарија) и веднаш ќе биде отворен кластерот за владеење на правото. Подготвувате ли тимови за овој огромен предизвик и што ќе биде нивната прва задача?

Вие знаете дека Северна Македонија беше подготвена да започне преговори уште минатата година, но поради потребата за промена на методологијата за преговори тие се одложија. Kластерот „фундаменти“, во кој се третира и владеењето на правото ќе се отвори прв, а ќе се затвори последен. Во соработка со Владата се подготвува целата структура на преговори и посебно тимовите кои ќе го предводат процесот. Сакаме во тимовите да вклучиме и голем број експерти од различни области. Тоа што е особено важно за нас е што целиме кон тоа да биде вклучен и граѓанскиот сектор, а тоа сметаме дека ќе биде само додадена вредност на процесот кој има исклучително големо значење за иднината на земјата и нејзиниот севкупен развој.

 

Неодамнешниот прв извештај на Европската комисија за владеење на правото покажа дека проблеми има секаде, па дури и во најразвиените демократии. Македонија не е дел од тој извештај затоа што не е членка на ЕУ. Но може ли тој извештај да биде водилка за државата да избегне многу грешки што ги направиле другите.

Секако. Ние сите реформи кои ги ќе ги правиме се во координација со партнерите од Европската унија. Добро е што нашата земја има пријатели кои веќе поминале по патот кои се надеваме дека ние ќе го почнеме во декември. Правдата е неисцрпна тема. Тука секогаш има простор за подобрување и унапредување. Но, искуствата на другите држави, грешките кои тие можеби ги направиле, но и успешните реформи кои ги спровеле, е своевиден патоказ за патот кои сме убедени дека успешно ќе ги поминеме.

 

Судот за човекови права во Стразбур побара одговор од Владата околу жалбите на десетина лица кои бараат правда околу аболициите на поранешниот претседател Ѓорге Иванов. Државата Македонија треба совршено да се подготви за овој можен процес. Ги подготвивте ли основите на стратегијата?

Постапката сѐ уште е во рана, почетна фаза. Република Северна Македонија е странка во постапката и мора со голема внимателност да се пристапува кон случајот. Од таа причина, не би ги изнесувал детално аргументите, ниту стратегијата на нашата позиција пред судот. Секое јавно изјаснување може да има негативни последици во натамошната постапка. Без да ги загрозам интересите на нашата држава во постапката би кажал дека ние работиме на случајот, ги разгледуваме сите апликации бидејќи се работи за повеќе апликации. Јавноста секако ќе биде детално запознаена за сите чекори и натамошни фази.

 

Од ниедно барање за екстрадиција нема да се откажеме сѐ додека има активни меѓународни потерници, вели министерот Маричиќ  (Фото: Б. Грданоски)

Две исклучително почитувани судијки, Маргарита Цаца-Николовска и Мирјана Лазарева-Трајковска, долги години беа дел од судот во Стразбур. Ќе ги вклучите ли нив во конципирањето на правниот став на Владата?

Предметите сѐ уште се анализираат и повторно ќе нагласам, целата постапка е во рана фаза. Бирото за застапување на Република Северна Македонија соработува со голем број експерти и лица, но во овој момент е рано да коментираме околку конкретната вклученост на лица кои имаат искуство во оваа област. Ќе ги искористиме сите ресуриси и искуства на стручната фела, со цел државата да изгради најдобра можна стратегија.

 

Дали подготвувате нови барања за екстрадиција на двајцата бегалци во Грција и поранешниот премиер во Унгарија или тоа е веќе завршена работа?

Министерството за правда може да бара екстрадиција неограничен број пати и за ниту едно барање нема да се откажеме. Сѐ додека се активни меѓународните потерници ќе правиме напор да ги донесеме сите лица. Секако, треба да се има предвид дека тоа е постапка со странска држава која има дискрециско право да прифати или да ве одбие за вакво барање. Министерството за правда ги прави сите можни напори лицата кои не се достапни пред правосудните органи да бидат екстрадирани. Наше право и обврска е да ги изнесеме сите нови околности во барањата за екстрадиција и да ги опфатиме сите дела кои во моментот се познати за некој сторител.