Интервју – Насер Нуредини: Полицискиот час ги намали азотните оксиди


Фото: Б. Грданоски

Потребни ни се големи инвестиции во обновливи извори на енергија. Мораме да го развиеме производството на енергија од соларни извори, потенцијално и ветар, како и стратешко инвестирање во големи хидропотенцијали, вели Насер Нуредини, министер за животна средина

 

Љупчо Поповски

Министерот за животна средина, Насер Нуредини, вели дека намалувањето на азотните оксиди за време на полицискиот час особено се забележува на пофреквентните крстосници. Но дека загадувањето не е само од автомобилите. Во интервју за „Независен“ Нуредини нагласува дека значаен удел во аерозагадувањето има и самото генерирање на електрична енергија. „Едноставното преминување на електрично затоплување, значи поголема енергетска ефикасност, но тоа не ни го решава проблемот. Треба да се запрашаме и од каде доаѓа таа електрична енергија и зошто сѐ уште сме зависни од термоелектрани на јаглен“, објаснува министерот. Нуредини вели дека Европската комисија подготвува иницијатива за Зелен договор на Западен Балкан.

 

Европската агенција за животна средина (ЕЕА) минатиот месец објави дека нивото на загаденост поради празните улици во многу градови се намалило дури до 50 отсто. Посебно се споменуваат Барселона, Лисабон, Мадрид, Милано, Лондон. Откако беше воведена вонредната состојба во Македонија се забележува дека воздухот кај нас е многу почист, особено во Скопје. Податоците на ЕЕА покажуваат големо намалување на загадувањето со азотен диоксид NO2, што го испуштаат дизел автомобилите, комбињата и камионите. Дали имате податоци за намалувањето на NO2 по македонските градови?

Кога зборуваме за градови како Барселона, Милано, Мадрид…, мора да се земе предвид дека пред сѐ, тоа се градови кои имаат целосно запирање на сите активности, додека кај нас забележано е намалување, но сепак, сѐ уште имаме деловни и индустриски активности. Од друга страна, станува збор за мегалополиси со многу поголема индустрија од нашата, со популација која ја надминува целата наша земја, многу поразвиена инфраструктура. Така што, мора да бидеме внимателни во споредбите и кога зборуваме за намалување на емисиите, да знаеме точно за кои станува збор. Да речеме, во овие градови намаленоста на загаденоста до 50 отсто се однесува на азотниот диоксид.

Ние ја следиме актуелната ситуација и правиме анализи. Се обидуваме да ги прибереме податоците и да правиме споредби со она што го имаме како информации од минатите години. За жал, не располагаме со сеопфатни податоци и анализи од минатото.

Намалувањето на емисиите од сообраќајот, како резултат на рестрикцијата на движење на граѓаните со воведување на полицискиот час, предизвикано од мерките за справување со Kовид-19, може да се забележи со намалување на концентрациите на азотни оксиди. Ова е поевидентно кај мониторинг станиците кои се поставени на пофрекфентни крстосници. Сепак, не може да се даде генерален заклучок и за останатите загадувачки супстанци. Во текот на март 2020 година, поради воведените рестрикции на движење, редуцираните активности на вработените и нефункционирањето на училиштата, и земајќи ги предвид пониските надворешни температури, можеме да препоставиме дека има зголемување на емисиите од домашните ложишта, што придонесува за појавата на концентрации на РМ10 честички над пропишаната среднодневна гранична вредност. Сепак, висината на концентрациите на PM10, зависи од количината на емисии и од другите локални извори, како што се индустриските капацитети, градежништвото и слично, меѓутоа и во голем дел од метеоролошките услови.

ЕЕА ги користи податоците од сателитот „Сентинел 5-Прекузор“. Тој е најточниот инструмент што го мери загадувањето на воздухот од вселената. Дали Македонија е дел од таа европска мапа што ја следи „Сентинел-5“?

Северна Македонија од самиот почеток е дел од Европскиот индекс за квалитет на воздухот кој EЕА го разви во 2017 година со цел да ги информира европските граѓани на поедноставен и поразбирлив начин за квалитетот на воздухот и беше прва од балканските држави која се прилагоди на новиот начин на доставување на податоците од извршените мерења на квалитетот на воздухот. Податоците кои се објавуваат на овој европски портал се базирани на доставените податоци за извршените мерења од страна на релевантните институции од европските држави во реално време, дополнети кога е потребно (кога има недостаток на податоци) со моделирани податоци од Службата за мониторинг на атмосферата „Коперникус“ на Европската унија (European Union’s Copernicus Atmosphere Monitoring Service (CAMS)). Во извештајот публикуван од страна на Eвропска вселенска агенција на 16.04.2020 година, на мапите се забележува дека постојат и податоци за нашата земја.

Ние соработуваме со ЕУ за дефинирање на тоа што би значеле нашите обврски во Зелениот договор, вели Насер Нуредини (Фото: Б. Грданоски)

Повеќе години кај нас се водеше дебата без јасен заклучок околу тоа кои се најголемите загадувачи. Дали празните улици за време на полицискиот час расчистија дел од тие дилеми, кога се знае дека на 1 април падна снег, па домовите мораа сѐ уште да се греат?

Како што веќе споменав, и покрај донесените мерки со кои имаме видно намалена работа на стопанските субјекти, Владата не донесе одлука за заклучување на индустријата, и иако со намален капацитет, сè уште има активни помали и поголеми инсталации. Генерално, во изминатиот период нè послужи добро време, но да, во постудените денови најголемиот дел од аерозагадувањето во нашата земја, според сите извештаи, е поврзан со начинот на загревање на нашите домови, како и останатите јавни згради. Сепак, не смееме да го занемариме фактот колкав удел во аерозагадувањето има и самото генерирање на електрична енергија во нашата држава. Едноставното преминување на електрично затоплување, значи поголема енергетска ефикасност, но тоа не ни го решава проблемот. Треба да се запрашаме и од каде доаѓа таа електрична енергија. Додека сме сè уште зависни од термоелектрани на јаглен, неопходно е да се инвестира сериозно во десулфуризацијата и подобрувањето на процесот во постоечките инсталации, но пред сѐ, големи инвестиции во обновливите извори на енергија. Мораме да го развиеме производството на енергија од соларни извори, потенцијално и ветар, како и да практикуваме стратешко инвестирање во големи хидропотенцијали кои би придонеле за енергетската независност.

Полицискиот час е како некој несакан експеримент во едно многу кризно време во борбата против Ковид-19. Дали вие во Министерството и другите надлежни институции ги направивте соодветните истражувања околу загадувањето што не беа можни додека животот течеше по нормален тек. Ако сте дошле до некакви заклучоци – кои се тие?

Рано е за заклучоци за тековната состојба, бидејќи за релевантни анализи потребен е подолг временски период на опсервација и адекватна последователна стручна анализа. Меѓутоа за тие цели, ние ги прибираме податоците од сите релевантни институции за активните индустриски капацитети, метеоролошките услови, користењето на транспортот и ги поврзуваме со резултатите од нашите мониторинг станици за квалитет на воздухот и планираме да ги обработуваме и користиме во нашите идни активности.

Графика на загадувањето со NO2 кога има и кога нема полициски час

Сосем веројатно дека кога ќе бидат укинати мерките и животот полека ќе се враќа во вообичаениот ритам, ќе проработат многу индустриски капацитети кои сега се затворени, а автомобилите ќе се вратат на улиците, па загадувањето може да се врати на старите нивоа. Планирате ли некаква стратегија за тоа време што ќе дојде? Дали подготвувате некаков план за „позелени“ градови, не само во смисол на повеќе зеленило?

Стратегијата е да се продолжи и зајакне со инспекциските контроли на големите инсталации, иако мораме да го земеме предвид фактот дека поголемиот дел и сега се во функција бидејќи не беше донесена одлука за нивно затворање. Сепак, мораме во иднина да се заложиме за зајакнат надзор и над помалите инсталации кои се во надлежност на локалната самоуправа, односно соодветните општини.

Ние како Министерство пред настапувањето на оваа вонредна состојба, односно пред распуштањето на парламентот преку Владата, предложивме измени на Законот за квалитет на амбиентниот воздух, со кои се врши построга регулација на обврските на општините со високи концентрации на загадувачки супстанции за изготвување на планови за чист воздух, како и акциски планови со конкретни мерки транспонирани од европското законодавство. Истовремено, досегашните препораки кои се носеа во денови на надминување на дозволениот праг на загаденост, се предвидува да бидат задолжителни мерки за индустријата, институциите и граѓаните со цел надминување на евентуалните такви ситуации. Останува на новиот парламентарен состав да ги усвои предложените амандмани, со што би имале повеќе алатки во рацете за соодветно справување со аерозагадувањето.

Еден од главните приоритети на новата Европска комисија е Новиот зелен договор, чија цел е почиста, позелена и поотпорна иднина. Дали нашата држава се подготвува за своевиден „македонски зелен договор“?

Јас минатиот месец за време на мојата посета на Европската комисија во Брисел, имав средба со еврокомесарот за животна средина на која го покренав и прашањето за Зелениот договор. Тие го немаат сè уште дефинирано до крај, меѓутоа подготвуваат иницијатива за Зелен договор на Западен Балкан. Требаше да одржиме овој месец уште еден состанок на оваа тема во Сплит, но поради настанатата криза со Ковид-19, средбата не се реализира.

Ние соработуваме со ЕУ за дефинирање на тоа што би значеле нашите обврски во смисла на Зелениот договор, меѓутоа неспорно е дека со самата наша определба да станеме дел од ЕУ семејството, како и извесните ЕУ преговори, нашата земја мора да ги постави овие вредности централно во политичката и економската агенда. Зелениот договор не треба да се гледа како ограничувачки фактор, туку како план за одржлив економски развој.

За време на месеците на големото загадување еколошките невладини организации беа исклучително гласни во предупредувањата на последиците и имаа многу барања како тоа да се намали. Во изминатиов месец, кога загадувањето е драматично намалено, нив ги снема од јавниот дискурс. Немаше никаква реакција за да посочат дека бројот на автомобилите и лошите горива можеби е една од клучните алки во синџирот на загадувањето. Дали сега сте во контакт со еколошките невладини организации за да размените ставови?

Ние тесно соработуваме со еколошките невладини организации и ги гледаме како наш партнер во лоцирањето на жешките точки и изнаоѓањето на решенија за заштитата на животната средина. Во моментов, со оглед на рестрикциите заради справувањето со пандемијата, немаме толку чест контакт и средби, меѓутоа ќе продолжиме со редовните средби и соработка штом нештата се вратат во нормален тек.

Во однос на горивата, потребни се зајакнати контроли на она што се увезува како гориво, посебно екстралесното гориво кое се чини дека подлежи на злоупотреба. Не смееме да ги увезуваме постоечките количини, ако имаме многу помала потреба во домаќинствата или училишните установи. Го цениме фактот дека тоа се користи и за потребите на земјоделието, меѓутоа мораме да се осигураме дека тоа не се злоупотребува и не се користи во редовниот транспорт. Ќе соработуваме со Министерството за економија и Министерството за транспорт за да обезбедиме подобра контрола на квалитетот на горивата во нашата земја.

Светските здравствени научници велат дека има смртна врска меѓу Ковид-19 и аерозагадувањето и дека оние кои биле подолго време подложни на загадувањето се помалку отпорни на болеста, особено оние луѓе со намалена респираторна моќ. Што може Македонија да направи на овој план и што сѐ ќе биде потребно?

Ова е само уште еден показател дека заштитата на животната средина и справувањето со аерозагадувањето бара сериозен ангажман и мора да продолжиме да работиме уште попосветено на овој план. Не смееме да дозволиме со постоечката криза и со последователните потребни интервенции во економијата да ја запоставиме животната средина. Напротив, треба да се постави централно на агендата и да се даде уште поголема државна поддршка на одржливиот зелен развој.

Пандемијата на корона вирусот на многу брутален начин покажа дека планетата и луѓето не се безбедни? Може ли сега да конципираме поинаков живот, врз други премиси и друга организација, која нема да биде во трка со брзината, неверојатната побарувачка и милијардите авионски летови.

Во моментов сведочиме и чувствуваме како изгледа една криза, но истовремено учиме како можеме да менаџираме една таква криза со униформност, дисциплина и помош од стручната јавност и науката. За оваа криза ќе се најде вакцина и таа, се надевам, ќе заврши скоро. Но, со животната средина е различно. На пример, од аспект на климатските промени, ако дојдеме до мигот кога тие се неповратни, доаѓаме до состојба која нема да заврши и со која ќе треба да живееме во нова реалност засекогаш. Затоа мораме да ги преземеме сите мерки во наши раце за митигација на истите.

Потребна ни е заедничка волја да ја заштитиме нашата животна средина и да инвестираме во нејзиното зачувување. Главната намера во борбата со Ковид-19 мора да биде да го избегнеме навлегувањето во економска и криза на невработеност, но верувам дека можеме да ги користиме овие стимулативни пакети за да инвестираме во животната средина и борбата со климатските промени. Експанзијата на обновливите извори на енергија, гасификацијата, железничката инфраструктура и енергетски ефикасниот транспорт можат да креираат и обезбедат работни места истовремено. Оваа криза ни покажува дека можеме да дејствуваме одлучно за истата цел преку сите Министерства и кога ќе дојде до прашањето за животната средина мораме да ја употребиме истата волја и да креираме општество кое работи и се залага за поодржлива иднина.