Инструментализација на непристојноста


ИЛО ТРАЈКОВСКИ

Злоупотребувачите на непристојноста мислат дека го контролираат бранот на бесрамност кој го покренуваат со нивните чинови кои поттикнуваат многу „лајкови“ или „гласови“ за поддршка. Но потоа и самите ќе бидат изедени од глутницата која ја покренале и вдахнале со бесрамност

 

Многу, премногу „непријатни“ настани ја поттикнуваа критичката јавност да размислува, да зборува, пишува, да слика и на друг начин да се искажува во врска со прашањето за местото и важноста на цивилизираноста во нашите животи и во политиката посебно. Тоа, сепак, значи дека пројавите на нецивилизираноста во јавниот простор не остануваат без реакција, без подигање палка со опомена. Од тука, колку што загрижуваат фактите за нејзиниот пораст толку радуваат примерите на отпор и нејзина осуда.

Овде не е место за теориски расправи за „цивилизираноста“.  Ќе го оставиме тоа за часовите по граѓанско воспитување и образование, во домовите и во училниците – со физичко или онлајн присуство! Сепак, мало терминолошко појаснување. Македонски збор кој најмногу се доближува до значењето на терминот „цивилизираност“ е зборот „пристојност“. Во отсуство на авторитетно македонско етимолошко толкување ќе си дозволам слобода, по аналогија со хрватското да речам дека тој се разложува на префиксот „при“ (до, кон) и глаголот од свршено време „стои“. Според тоа, пристојност или цивилизираност значи да под-при-стои/медо нешто, да под-за-стане/ме пред нешто, за нешто. Затоа, поимот пристојност е тесно врзан со идејата за достоинството. Пристојноста значи да се достои до нешто.Тоа нешто се другите луѓе.

Пристојноста, како под-за-станува-ње и у-при-стојува-ње значи и самоконтрола на „сопствените нагони и животински инстинкти, со цел да се однесуваме како луѓе и да се прилагодиме и вклопиме во средината во која живееме и се движиме“ (Литовски А. 2002). Самоконтролата, подзастанувањето, подзапирањето на манифестацијата на сопствената нарав пред другите и заради другите – тоа е  вистинската, социолошка смисла на пристојноста, на цивилизираноста. Клучниот елемент на овој повеќеслоен поим е самоконтролата во името на прифатливоста на нашите однесувања од страна на другите. Пристојноста значи потврдување на идеите за почит, толеранција, сообразување со другите и тоа на начин кој е пропишан со општествени норми за пристојност. Значи, не е во прашање само сопственото убедување што е пристојно или не, туку што општеството или јавноста смета и пропишува за такво.

Последните неколку примери на нецивилизираност од страна на видни креатори на јавното мнение и реакциите во однос на нив го поставуваат прашањето за границите на политичката пристојност. Новинарите како клучни чинители во тој процес на политичката комуникација се во најделикатна ситуација. Дали да пренесуваат или преработуваат и известуваат за изјави и настани кои се непристојни бидејќи со нив, на еден или друг начин загрозуваат човекови права и слободи. Во Кодексот на новинарите е експлицитно утврдено дека „Новинарот ќе се придржува и на општо прифатените општествени стандарди на пристојност … во Македонија“.

За својот опстанок и нормално, а тоа значи цивилизирано опстојување и функционирање сите општества установуваат специфични општествени улоги и регрутираат конкретни личности да ги извршуваат тие улоги. Тоа го прават преку т.н. општествена поделба на трудот и придобивките од трудот. За вршењето на соодветните улоги, општествата ги наградуваат нивните извршители со плати и други признанија, а за нивно неизвршување следуваат казни во различна форма, на пример, етикетирањето на нечие однесување како непристојно или нецивилизирано.

Мерката на цивилизираноста при извршувањето на одредена општествена улога е придржувањето или отстапувањето од т.н. општо прифатени стандарди. Во таа смисла пристојноста е конформистички концепт. Таа од нас бара да се упристоиме. Значи не само да стоиме, туку да стоиме според одредени општествени/јавни стандарди. Оваа димензија се опфаќа со идејата за лојалноста и придржувањето и извршувањето на утврдените стандарди и должности како клучни елементи на пристојноста.

Проблемот е во тоа што границите меѓу пристојното и непристојното однесување постојано се пробиваат.Во современите општества тоа се случува со вртоглава брзина. Во случајот со политичката не/пристојност нив ги пробиваат токму чинители кои својот живот го произведуваат играјќи некоја од бројните општествени (читај, политички) улоги на креатори и чувари на пристојноста, на цивилизираноста, на редот и човечноста! Во актуелните случаи, на пример, границите на пристојноста ги помина еден поранешен новинар, а актуелен колумнист и еден поранешен професор, а актуелен народен пратеник. И двајцата се креатори на јавното мнение и, со тоа на стандардите на пристојноста. Затоа прашањето е дали со нивните непристојни говорни чинови поставуваат нови, повисоко норми за тоа што е пристојно, а што непристојно однесување или поттикнуваат аномија –укинување на сите стандарди на пристојност, а со тоа и на самата општественост? Прашањето е за функционалноста на непристојноста на пристојни/ци/те, односно на оние кои се платени или на друг начин наградени од општеството да бидат пристојни и да се грижат за пристојноста!

Познатиот комуниколог Кетлин Хал Џејмсон, анализирајќи ги политичките употреби и злоупотреби на цивилизираноста и нецивилизираноста утврдува дека една од главните функции на непристојноста е диференцијацијата и мобилизацијата на сопствената група во однос на спротивставената група и, втора, маргинализирање на немоќните. Од оваа перспектива цел на непристојните чинови е што појасно диференцирање на сопствената (ин) група од спротивставената (аут) група. Со навреди и омаловажувања туѓата група се претставува како помалку човечка од сопствената (оттука зоофиличните асоцијации или терањето „…во пи*ку матер“…). Организаторите и агитаторите на политичките хајки ја користат непристојноста како инструмент за канализирање на силните емотивни реакции на членовите на сопствената група во однос на некои маркантни чинови преземени од спротивставената група.

Ваквото инструментализирање и нецивилизираностасе потпира врз преценување на сопствените способности на злоупотребувачите на непристојноста да го контролираат бранот на бесрамност кој го покренуваат со нивните непристојни чинови. Континуираниот пораст на „лајкови“ или „гласови“ за поддршка на нивната нецивилизираност покажува дека масата станува се погладна и погладна за бруталност. Можно е и да успеат еден ден со такви проекти да мобилизираат и мнозинска поддршка. Но, што потоа?!

Потоа и самите ќе бидат изедени од глутницата која ја покренале и вдахнале со бесрамност. Лажни се нивните надежи дека ќе може да ја контролираат. Насилството, физичко или вербално, раѓа ново насилство. Чиновите на нецивилизираност како насилнички чинови тотално ги разголуваат нивните сторители. Тие со нив не покажуваат нешто нивно што претходно не било видено или уважено од страна на другите туку вадат на сонце се што имаат, се со што располагаат. Полесно е да се покрене револуција, потешко е таа да се сопре пред да ги изеде сопствените деца.

Да, последните децении донесоа многу, премногу дивјаштво и варварство. Многу од тоа дури и се стандардизира како и се промовира како „нормално“ и пожелно. Затоа секоја правдољубива единка чувствува револт и потреба да се спротивставува. Но, патот до целта е исто толку важен, ако не и поважен од самата цел. Борбата против нецивилизираноста со уште понецивилизирани средства нема да донесе еманципација.

(Ило Трајковски е универзитетски професор)