Иницијативата „Мегафон“ поднесе претставка до омбудсманот за оценките на Мицкоски за медиумите
Неформалната граѓанска иницијатива „Мегафон“ поднесе претставка до Народниот правобранител против премиерот Христијан Мицкоски околу неговите квалификации за медиумите и новинарите. Оваа претставка конкретно го посочува обраќањето на Мицкоски на форумот со повратници во државава. Во претставката се вели:
„Со оваа претставка ви се обраќаме како граѓани длабоко загрижени за говорот на омраза и заканувачките пораки кои во последно време ги упатува Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, г. Христијан Мицкоски.
Конкретно, во своите јавни настапи, тој ги нарекува медиумските работници, политичките опоненти и сите неистомисленици ‘талог на општеството’ и притоа најави дека ‘како Влада сме силно одлучени тој талог да го поразиме’, што создава атмосфера на нетрпеливост, страв и потенцијално насилство врз граѓаните кои критички се изразуваат кон власта.
Во прилог доказ од обраќање на Претседателот на Влада, Христијан Мицкоски, на форум на повратниците во државата на 24.12.2025. (https://www.youtube.com/live/MTJZY217kbk?si=qRtO1MERTQs4_jUy).
Ваквите изјави се спротивни на основните демократски принципи, на слободата на говорот и медиумската слобода загарантирани со Уставот на Република Северна Македонија, како и на меѓународните конвенции за заштита на човековите права.
Истовремено, тие претставуваат форма на психолошко заплашување и поттикнување на нетолеранција, насилство и автоцензура во јавниот простор.
Ве молиме, согласно вашите надлежности, да извршите увид во случајот, да утврдите дали се прекршени правата на граѓаните и новинарите и да укажете на неопходноста од воздржаност на јавните функционери од користење навредлив и заканувачки говор“.