„Индијана Џонс“ премиерно во Кан во чест на Харисон Форд


Кан- Индијана Џонс ја продолжува авантурата на француската ривиера. Долгоочекуваниот нов филм од серијалот за археологот-авантурист Индијана Џонс, кого за последен пат ќе го глуми Харисон Форд, ќе биде премиерно прикажан на францускиот Филмски фестивал во Кан во мај, потврдија организаторите. Кан, исто така, ќе му оддаде почит на Форд за неговата кариера .

„Индијана Џонс и Бројчаникот на судбината“ (Indiana Jones and the Dial of Destiny), со Фиби Волер-Бриџ и Антонио Бандерас покрај Форд, е петтиот дел оваа филмска авантура. Холивудскиот ветеран веќе најави дека ова ќе биде негов последен „Индијана Џонс“ филм. За тој филмски лик светот првпат дозна 1981 година, со филмот „Индијана Џонс: Крадците на изгубениот ковчег“ (Raiders of the Lost Ark).

 

Со Фев Волер Бриџ во сцена од филмот “Indiana Jones and the Dial of Destiny“

Премиерата на „Dial of Destiny“, во режија на Џејмс Манголд, доаѓа 15 години по премиерата на “Indiana Jones and the Kingdom of the Crystal Skull” од 2008 година на францускиот фестивал. „Dial of Destiny, ќе се прикажува во кината во САД на 28 јуни.

Во петтиот продолжеток глуми и Мадс Микелсен

Дејството на петтиот филм е сместено во времето на светската тн. „вселенска трка“ од 60-тите и содржи ретросцени во коишто 80-годишниот актер е дигитално подмладен. Ова е и првиот филм што не е режиран од Стивен Спилберг. Тој ја потпишува продукцијата на филмот, но режисерската палка му ја предаде на Џејмс Манголд.

Фестивалот во Кан оваа година ќе трае од 16. до 27 мај, а неговата целосна официјална програма ќе биде објавена следниве неколку недели. Меѓу скудните информации, потврдено е дека најновиот филм на Мартин Скорсезе и Леонардо ди Каприо, „Убијците на цветната месечина“ (Killers of the Flower Moon) ќе има премиера на фестивалот на 20 мај. (АП)