Индија ги намали дополнителните акцизи за горивата, и Виетнам презема мерки
Индија ги намали специјалните дополнителни акцизи за бензинот од 13 на три рупии по литар, а за дизелот од 10 на нула рупии по литар.
Одлуката на Владата во Њу Делхи е во насока на поддршка на енергетскиот сектор поради неповолното влијание на војната на Блискиот Исток врз снабдувањето со нафта и природен гас.
Индија што е трет најголем увозник и потрошувач на нафта во светот, повеќе од 90 проценти од потребите ги покрива со увоз.
Во изминатата година земјата потрошила 33,15 милиони тони пропан-бутан, од кои околу 60 проценти се увезени, при што речиси 90 проценти од увозот доаѓа од Блискиот Исток.
Виетнамското Министерство за финансии соопшти дека го суспендирало спроведувањето на данокот за животна средина и посебниот данок за потрошувачка на гориво за да се стабилизира домашниот пазар.
„Отстранувањето на овие даноци за бензин, дизел и авијациско гориво ќе биде во сила до 15 април“, се вели во соопштението на Министерството.
Прилагодувањето ја намалува цената на безоловниот бензин 95 за 26,17 проценти, а на дизелот за 15,42 проценти, според податоците од Министерството за трговија.
Виетнам веќе ги ревидираше цените на горивата во средата по наглото зголемување од почетокот на војната на Блискиот Исток.
Ханој неодамна побара помош за гориво од неколку земји, вклучувајќи ги Катар, Кувајт, Алжир и Јапонија. Виетнам, исто така, потпиша договор со Русија во понеделникот за производство на нафта и гас.