Имигрантите кои престојуваат во Ѓадер ќе мора да се вратат во Италија
Имигрантите кои престојуваат во кампот во Ѓадер ќе мора да се вратат во Италија, откако денеска судот во Рим одлучил случајот да го испрати до Судот на правдата на ЕУ.
– Одделот за имиграција на судот во Рим денеска одлучи да го упати до Европскиот суд на правдата прашањето за имигрантите, кои според договорот Италија-Албанија ќе се сместуваат во кампот во Ѓадeр во Албанија, со што ја суспендираше мерката на важност, објавија албанските, повикувајќи се на италијанските медиуми.
Тоа значи дека и 7-те имигранти кои пристигнаа во петокот ќе мора да се вратат и да бидат сместени во Италија во очекување на одлуката на Европскиот суд на правдата.
– Во образложението на одлуката, римскиот суд наведува дека критериумите за дефинирање на земја како безбедна земја на потекло ги одредува Европската Унија. Затоа, без да се нарушат правата на националниот законодавец, судијата има должност секогаш и конкретно да ја проверува – како и во секој друг сектор на правниот систем – правилната примена на правото на Унијата, кое, познато, преовладува над националното право, како што е предвидено со италијанскиот Устав, додаваат медиумите.
Со италијанскиот брод „Либра” во албанскиот пристанишен град Шенѓин, каде е прифатниот центар во петокот пристигна втората група со осум имигранти, шест од Египет и двајца од Бангладеш. По проверката еден од нив поради лоша здравствена состојба беше веднаш вратен, останати седум беа сместени во прифатниот центар Ѓадeр.
Првата група пристигна на 16 минатиот месец. Ја сочинуваа 16 мигранти од Египет и Бангладеш, од кои четири мораше веднаш да бидат вратени во Италија, бидејќи две беа малолетни лица додека двајца со влошена здравствена состојба.
Но, само ден по сместувањето и останатите 12 беа вратени назад по одлуката на судот во Рим дека двете земји на нивно потекло не се во списокот на безбедни земји.
Според договорот во кампот во Ѓадeр ќе може да се сместат три илјади мигранти месечно, или 36 илјади годишно, кои тука ќе го чекаат одговорот за азил од италијанските власти.