Има ли некој сериозен во Софија?


СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА

Остана уште дваесетина часа до рокот што ни го даде Бугарија да ја прифатиме нејзината историска вистина, а единствено што успеја да постигне тамошната влада околу Македонија – е да ѝ се смее целата меѓународна заедница

 

Спорот што почна како закана за вето и што Македонците сериозно го сфатија и се исфрустрираа на почетокот, сѐ повеќе се претвора во хумористичен серијал кој ја отвора дилемата кај нас – знаат ли во Софија воопшто што прават и зар е можно да веруваат дека ова е начинот нешто да постигнат?

Изјавите што стигнуваат од оваа соседна држава, а особено таа на министерката Екатерина Захариева за славењето на Јосип Броз Тито, го урнаа митот за Бугарија како добро развиена држава. Ние мислевме дека по повеќе од една деценија како членка на ЕУ Бугарија напреднала, а ова што го гледаме е една жална слика на политички заостаната владејачка гарнитура која сака со ефтини националистички штосови, и тоа без некој концепт, без проценка за реалноста, без проценка за можната поддршка, па и без проценка дали нешто од тоа може да се оствари, да ја фрли Македонија на колена пред вратите на Унијата.

Толку е жално и смешно ова што го прават Захариева, Красимир Каракачанов, Андреј Ковачев и други експонирани бугарски политичари изминатите две недели што не е далеку денот кога ние самите ќе побараме да ни стават вето, од жал колку се исфрустрирани од нашето читање на историјата. Листата на историски личности и настани што сега ги негира Софија стана толку долга и толку променлива, па додека да се одржат изборите во Бугарија, тоа што почна со спорењето на Илинден, па на Гоце Делчев, па со спорењето на 11 Октомври, 13 Ноември, со посвојувањето на Кирил и Методиј и слично, ако се надградува со вакво темпо ќе стигне до Боки 13, бидејќи и неговата кариера има бугарски корени.

Главната грешка на Софија е што ни постави услови и ни мери со стоперица до кога треба да ги исполниме, што покажува колку се тие сериозни кога мислат дека можат историски прашања да се решат преку ноќ и со политичка одлука. Условите што ни ги испорачува исто така постојано се менуваат, па и ако се покаже добра волја за нешто да се направи компромис, барањето бргу се зголемува, така што вака како што тргнале ќе треба да потпишуваме договори за пријателство при секоја одлука околу преговорите со ЕУ.

Третиот проблем на Софија е што барањата се премногу апсурдни и што видливо има мака да ги спакува европски и не успева. Од говорот на омраза, за кој бара цензура во медиумите и за кој секому во Македонија му е јасно дека не се решава со потпис на документ, па до неградењето на Коридорот 8, како да Македонија има коридори на сите страни, па останува нереализиран само тој со Бугарија. Кога видоа дека има расположение да се стави Гоце Делчев во географски контекст, како личност што нѐ обединува, од Софија побрзаа да го спречат тоа, барајќи сега да биде прогласен за Бугарин. Откако со месеци тврдеа дека не ни го спорат идентитетот, јазикот и народот, сега во изјавите ни се обраќаат со зборовите „браќа, братучеди, пријатели, драги соседи“, само за да избегнат да нѐ наречат Македонци. За јазикот, што двапати го прифатија како македонски според Уставот сега бараат да стои дека има бугарски корени, а Захариева во едно интервју порача дека не бараат статус за бугарското малцинство во нашата држава бидејќи не постои, односно сите ние во Македонија сме имале бугарско потекло.

Впечатокот е дека со нови небулози се прикриваат претходните, како таа што најмногу ја шокираше Македонија – дека во времето на соработка со фашистичка Германија Бугарија не била окупатор туку администратор, за сега да стигне до тезата дека тогаш, всушност, ја ослободиле Македонија место, како што тврди историјата, дека ја окупирале. Толку претераа што денес градоначалникот на Скопје Петре Шилегов им испорача историска вистина, таква каква што ја знаеме во Македонија.

Како врв, секој саат ни кажуваат дека ќе ни стават вето, за денес почнат да тврдат дека немало да ни стават вето на преговорите со ЕУ, туку „само на преговарачката рамка за преговори“. Со ваква дипломатија Софија е на добар пат заради пет минути слава во Советот на ЕУ да го изгуби и тоа што го има со Македонија, вклучувајќи го и Договорот за добрососедство од 2017 година, кој содржи сериозни отстапки од нашата држава за кои некои политичари сѐ уште плаќаат висока цена во земјата, а може да дојде момент кога и ним, како на Борисов, Захариева и Ковачев, ќе им фали некој процент за политички да преживеат.

Главната грешка на Бугарија е што мисли дека е Грција и што тргна со глава во ѕид, без да направи реална проценка колку се сменети состојбите во Македонија оттогаш. Дека сега сме членка на НАТО и не сме толку безнадежни, дека ЕУ перспективата е многу далечна и речиси нереална, дека премиерот Зоран Заев нема веќе простор за големи компромиси, дека и нему му се ближат избори, дека голем број Македонци имаат веќе ЕУ пасоши (не само бугарски) и веќе влегоа во ЕУ, а тие што заминаа низ Европа со бугарски наскоро ќе ги заменат со германски, холандски… Бугарската листа со барања германскиот аналитичар Гералд Кнаус ја нарече „изгубена работа“, а без оглед колку се трудат да ја аргументираат, за неа нема разбирање никој во ЕУ, а како што се чини, немаат и многумина во Бугарија. Да им помогнеме да ни стават вето, бидејќи Македонија така ќе добие повеќе отколку што ќе изгуби, бидејќи во овој спор нема логика туку само комплекси.