Има ли Мицкоски идеја зошто нон-стоп е во САД?

Во Македонија се случува експлозија на осиромашување, а премиерот секои две недели е во САД


Има ли Мицкоски идеја зошто за толку краток период дури три пати отпатува во САД, од што двапати откако Доналд Трамп дојде на власт и во време кога ни неговата администрација не е комплетна? Само тоа ли му остана како опција за да прогласи успех на меѓународен план, па очајнички троши време низ американските институции и на средби во Америка? Толку ли не знае што да прави дома и како да ја извади земјата од калта во која сѐ повеќе пропаѓа, откако даваше големи ветувања дека знае подобро да ја води државата?

Можно ли е да разочара во тоа во што веруваа и тие што не го поддржуваа, дека ВМРО-ДПМНЕ како партија и како влада се попрактични, поефективни и поорганизирани од тоа што го покажуваше СДСМ кога е на власт? Како тргнал Мицкоски, на пат е да му се повтори судбината на екс-премиерот Владо Бучкоски кој од авион раководеше со државата, за да ги изгуби веднаш потоа катастрофално на изборите бидејќи ги помеша агендите – дали треба да бара решенија кај нас или да чека некој друг од надвор да му ја заврши работата?

И на тоа не може да влијае фактот дека сега сите очи се вперени во Вашингтон и дека Македонија како мала земја секогаш се потпирала на помошта од САД околу геостратегиските интереси. Дека во Атлантскиот совет Мицкоски го повтори досегашниот став на Македонија за Украина, осудувајќи ја руската агресија врз суверената земја, и покрај кокетирањето на Трамп со Путин околу најстрашната војна што ја погодила Европа во поново време. И дeкa ја фати европската страна во време кога Брисел се разиде со Вашингтон и наедно се покажа лојален сојузник на Брисел. Па, и дека во склад со кинеската изрека „дека не е важно каква боја е мачката ако лови глувци“, отиде и на собир на конзервативците, бидејќи тие се реалноста сега во САД.

Дилемата е со каква цел го прави тоа и за каков резултат? Има ли концепт, има ли визија, има ли план каде ја води Македонија или отиде таму само за да покаже прозападен курс и за да направи од Македонија меѓународен фактор, како што тврдат од неговата партија? И тоа во време кога Трамп сака од Газа да направи ривиера, а од Украина американска колонија, додека и нас ни испорача сметка за 5 отсто трошоци за одбрана и за повисока царина.

Пологичен одговор е дека оваа влада оди во САД за да го сокрие очајот од речиси деветте месеци откако е на власт. Дека, немајќи што да покаже дома, секоја втора недела оди во САД (и Мицкоски и партнерите од коалицијата) за да ја уверат јавноста дека постигнуваат историски успеси за Македонија. Односно, додека во државата ни се случува експлозија на осиромашување и ерозија на сите стандарди, тие ни продаваат слика за Македонија како фактор и „партнер“ на САД.

Ако се преброи колку време изгуби Мицкоски на трите патувања, изгледа како да му се решени сите проблеми во државата и му останува само висока политика, која патем, колку и сака да ја продаде како обид да најде решение за преговорите со Унијата, се води на погрешна адреса. За тоа може да ги праша претходниците кои се обидуваа преку САД да бараат членство во Унијата, нешто што Брисел го доживуваше како ставање ,„нож во грб“, непочитување на Европа ,па и навреда. Едноставно кажано, да се продава патот во САД како обид да се убеди Вашингтон  да ја притисне за преговорите Бугарија, според досегашното искуство – е политичка фантазија.

Величината и политичката моќ на Трамп, кратко кажано, не може да се пренесе на реалноста во Македонија. Патем прашање е и колку таа „величина“ на САД како држава го компензира тоа што го прави Трамп откако дојде во Белата куќа и колку ваквата фасцинираност на нашиот премиер од актуелен Вашингтон нема да се покаже како избор на погрешна страна во историјата.

Во тој контекст, иако Мицкоски досега успешно пливаше во медиумските води во Македонија и новинарите поради тоа го штедат во некоја мерка по искуствата со Никола Груевски, тој очај да го сврти вниманието на јавноста од сопствените неуспеси, кои има време да ги поправи – го ставаат во искушение да направи уште една грешка и да се врати на хајките против новинари кои не ги делат ставовиве на неговата партија. Уште повеќе како партија да се пресметуваат со новинари само затоа што им треба тема за да сеат магла во јавноста.

Листата со имиња на „обележани новинари“ веќе е предолга за да не биде забележана како враќање на старите методи на неговата партија, без оглед дали се на удар на партиските соопштенија или на ботовите што хистеризираат и шират примитивизам по социјалните мрежи наоѓајќи предавници, странски агенти, платеници на УСАИД и слично. Бидејќи скандалозно е, макар тоа го правел и Трамп, власт да се пресметува со новинари преку партиски соопштенија околу нешто што е нивен став, нивно право и нивна работа, а ВМРО-ДПМНЕ и покрај пријателството со „Рамбл“,  не е пи-ар служба на Доналд Трамп.

Престојот на премиерот во САД, колку и да се нарекува историски – иако е трет по ред, нема да го прикрие ни тоа дека и со ВМРО-ДПМНЕ на власт Македонија стои во место, а демократски назадува, дека големите партии си ја зацементираа позицијата со меѓусебни дилови, дека изборните реформи нема да видат бел ден во државава, дека никој не ги ни споменува, дека можеме да сонуваме за отворени листи како на Косово, дека се става рампа на невладините да се вклучат во политиката, односно дека се прави сѐ да се замрзне статус-квото во политиката кое не ѝ донесе ништо добро на Македонија.

Престојот во САД нема да го прикрие ни впечатокот за владата како раштиман оркестар во која секој патува каде што сака на државна сметка, зборува што сака, никој не го работи тоа за што е одговорен и сите бистрат висока политика. Па, еден ден Изет Меџити, инаку министер за екологија во време кога се гуши Македонија, изјавува дека химната не треба да има текст, а веќе следниот – дека таа воопшто не е тема за муабет во коалицијата. И фалбата на Мицкоски во САД дека ќе ги смени судиите и обвинителите, дури и во време на Трамп и неговите слични обиди, е јасен знак за тие што го слушале за мешање во независноста на правосудниот систем на државата, без оглед на изговорите.

Престојот во САД не може да го прикрие ни тоа дека Мицкоски не може да најде решение со Бугарија и дека не прави ништо да ги одблокира преговорите со ЕУ, кога голем процент од граѓаните јасно кажуаваат дека таму ја гледаат перспективата на државата, а амбасадори се жалат дека многу се зборува, а ништо не се прави од страна на власта и дека само плачеме, место да се фатиме за работа. 

Иако пратеникот Миле Лефков тврди дека „сѐ е според план“ и дека Мицкоски ја вади Македонија од ќор-сокак, тоа не го мислат тие што ги донесоа на власт и кои деновиве се жалат или протестираат, компаниите што најавија дека си заминуваат, бранителите кои се понижени во Собранието, граѓаните кои се престрашени од галопирачките цени на становите и на храната и  од манипулациите на трговците, болните што сведочат за колапсот на Онкологија и здравството воопшто, скопјани кои се справуваат со тешки последици од загадувањето, јавниот крик на тие што изгубија деца на сообраќајниците и слични, за кои не знае, а не му е ни гајле на Трамп во Вашингтон.