Има ли германски војници во Украина?

Германското Министерство за одбрана го отфрли бомбастичното обвинување на руската новинска агенција РИА Новости дека четири војници на германската армија биле убиени во напад на тенк Леопард во Украина. Тврдењето е експлозивно бидејќи припадниците на германската армија – а со тоа и силите на НАТО – се обвинети за учество во борбени операции против Русија во Украина.
Според објави на социјалните мрежи, офицерите на руските вооружени сили уништиле тенк Леопард префрлен во Украина со целосно германски екипаж.
„Русија тврди дека наишла на германски војници кои се борат во Украина. Дали трупите на НАТО сега се вклучени во оваа војна?“ – праша еден X корисник. Тврдењето првпат го сподели рускиот државен медиум Риа Новости на 23 септември. Но, штом ќе ја прочитате статијата, работите почнуваат да стануваат малку матни.Информациите доаѓаат од еден единствен извор: неименуван офицер на руската армија кој тврди дека течно зборува германски. Тој објаснува дека нашол механичар пред умирање кај уништениот тенк Леопард кој потоа му се доверил дека остатокот од загинатиот екипаж бил дел од Бундесверот (германската армија).
Не можевме независно да ги потврдиме овие тврдења, а познато е дека Риа Новости шири про-Кремљ дезинформации. Во изјава за „Дојче веле“ германското Министерство за одбрана ги демантираше овие тврдења.
„Во Украина нема германски тенковски екипажи“, нагласи еден од официјалните претставници на Министерството.
Според нивната веб-страница, Германија ја поддржува Украина со снабдување со оружје и опрема, вклучително и тенкови Леопард 2, кои се сметаат за едно од најмодерните оклопни возила во светот. Украинските војници во изминатите неколку месеци беа обучени во Германија за тоа како да маневрираат со тенковите и другата артилерија. Но, испораката вклучува само тенкови и воена опрема, а не германски екипаж.Берлин и неговите партнери во НАТО избегнуваат да играат директна улога на теренот во конфликтот.Според германскиот весник „Меркур“, има извештаи за учество на Германци во борбите во Украина, но само како платеници – за Москва или за Киев. медиумот потсетува дека иако е легално за Германец да стане платеник во Украина, борците не се заштитени според Женевската конвенција доколку некогаш бидат заробени, особено во Русија. Затоа, за да се избегне загарантирана тортура или егзекуција „не би било чудно доколку некој платеник инсистира да биде заробен како припадник на војската“, објаснува германскиот новинар. Но, исто така, сосема е можно Кремљ намерно да инсценира ситуација со цел дополнително да го поттикне конфликтот. (Еуроњуз)