Илон Маск вели дека борбата против Цукерберг ќе се одржи во Италија


Сопственикот на „Тесла“, Илон Маск, изјави дека потврдил „епска локација“ за меч во кафез со мешани боречки вештини со основачот на „Мета“, Марк Цукерберг. Сите приходи ќе бидат донирани во добротворни цели.

Илон Маск во петокот рече дека разговарал со италијанскиот министер за култура Џенаро Санџулијано за борбата во кафез со конкурентскиот технолошки милијардер Марк Цукерберг во Италија.

Маск на својата социјална мрежа Х, порано Твитер, рече дека тој и Санџулијано се договориле за „епска локација“ за борбата, без да прецизира каде.

Сè што че биде во кадарот на камерата ќе биде антички Рим, така што нема ништо модерно“, напиша Маск.

Сепак, Санџулијано по разговорот со Маск рече дека настанот нема да се одржи во Рим, додавајќи дека се договориле да се одржи „голем добротворен и историски евокативен настан“, кој ќе ги почитува и чува локалитетите на наследството.

Маск рече дека борбата ќе биде организирана од неговата и фондацијата на Цукерберг.

Санџулијано рече дека се очекува да бидат донирани „многу милиони евра“ на две италијански педијатриски болници и за научни истражувања за борба против детските болести.

Сепак, министерот за култура повторно се чинеше дека отстапува од толкувањето на Маск за договореното, бидејќи милијардерот од „Тесла“ рече на X дека „сите приходи ќе бидат наменети за ветераните“.

Опозицискиот политичар Карло Календа, поранешен министер за индустрија и шеф на центристичката партија Азионе, ја критикуваше подготвеноста на министерот за култура да ја направи забава можноста за тепачка Маск против Цукерберг.

„Сметам дека е едноставно зачудувачки што италијанското културно наследство им се става на располагање на двајца милијардери кои сакаат да се препуштат како глупави тинејџери“, рече тој.

На 20 јуни оваа година, Маск на тогашниот „Твитер“ праша дали Цукерберг, кој тренира џиуџицу, е „подготвен за натпревар во кафез“.

Цукерберг одговори еден ден подоцна: „Испрати локација“.