Илјадници во црквите во Белорусија, тие немаат мерки за изолација


Ширум Белорусија, илјадници православни верници денеска присуствуваа во црквите за да го одбележат Велигден.
Тие не ги послушаа повиците на лекарите и црковните великодостојници да останат дома и со тоа да го спречат ширењето на корона вирусот.
„Традицијата на нашите родители, татковци и дедовци треба да се сочува. Мислам дека не направивме никакво светогрдие со тоа што денеска дојдовме овде. Верувам дека бог ќе не заштити“, вели еден верник за Ројтерс во соборната црква во Минск.
Белорусија е една од малубројните држави кои поради пандемијата со ковид-19 не воведоа мерки за изолација, а според денешното соопштение на Министерството за здравство во Белорусија до денеска починале 47 луѓе од болеста, а заразени се 4.779 луѓе.