Илјадници птици угинаа во една ноќ во Чикаго, а сите се удриле во истата зграда
Само за една ноќ, повеќе од илјада птици преселници умреле откако удриле во една зграда во Чикаго поради, како што велат експертите, смртоносна комбинација од шпицот на сезоната на миграција, лошото време и недостатокот на градежни мерки за заштита на птиците, пишува CNN.
Извештајот од 2019 година на Лабораторијата за орнитологија Корнел процени дека околу 600 милиони птици умираат секоја година во САД по удари на згради, а Чикаго беше рангиран како најопасен град за птиците за време на есенската и пролетната сезона на миграција.
„Во близина на зградата имаше тепих од мртви, птици на умирање и повредени птици“
Музејот Филд во Чикаго собра повеќе од илјада мртви птици кои се удриле во Конвенцискиот центар „МекКормик Плејс Лејксајд“, лоциран на брегот на езерото Мичиген, во четвртокот вечерта, изјави за Си-ен-ен Анет Принс, директорка на Чикашкиот мониторинг центар за судир на птици.
„Волонтерите кои работат со групата Chicago Bird Collision Monitors собраа дополнителни 1.000 мртви птици во центарот на градот“, рече Принс. „Веројатно имало повеќе птици кои одлетале откако удриле во зградата, но подоцна умреле од повредите“, рече таа.
Nearly 1,000 migratory birds died at ONE building just this morning in Chicago. Imagine across the whole city.
Please please please consider turning lights off in your home and offices over night as our feathered friends make their journey south!
📸 Daryl Coldren pic.twitter.com/7XY56NNSsi
— Marky Mutchler (@MarkyMutchler) October 5, 2023
„Беше поразително и трагично да се видат толку многу птици“, рече Принс. „Отидов до зградата каде што, кога и пријдов, имаше тепих од мртви, птици на умирање и повредени птици“, додаде таа.
Зошто птиците удриле во зградата?
„Комбинација на фактори веројатно придонела за големиот број фатални несреќи“, рече Принс. Таа ноќ, особено голем број птици мигрирале на југ за зимата.
Птиците чекаа ветрови од север или запад за да им го олеснат патувањето. „Тие птици всушност се натрупаа“, рече таа.
Кога во средата дувале вистинските ветрови, голем број птици одеднаш почнале да мигрираат. Покрај тоа, имало ниски облаци, што веројатно ги натерало птиците да летаат на помала надморска височина, што ги довело во поблизок контакт со зградите.
„Меккормик Плејс е една од првите згради со кои се среќаваат птиците додека летаат над езерото Мичиген, а зградите што ги оставаат светлата запалени преку ноќ, кога повеќето птици мигрираат, исто така имаат поголема веројатност да предизвикаат удари од птици“, додаде таа. „Тие светла се магнет за птиците – речиси како светилник“, вели.
„Проѕирните стакла ги збунуваат животните“
Но, птиците продолжија фатално да удираат во зградата МекКормик Плејс дури и во текот на денот, рече таа, нагласувајќи го степенот до кој големите површини од проѕирно стакло можат да ги збунат животните. „Ако користите големо стакло кое изгледа како отворен простор, птиците ќе се обидат да летаат во него, не гледајќи ја пречката“, рече таа.
Експертите посочуваат дека во градежништвото треба да се воведе стакло кое не ги збунува птиците, некоие кое има некакви шари и намалена рефлексија, што ќе го прави видливо за птиците, а да се намали и светлосното загадување кое ги дезориентира птиците.