Илјадници Американци бараат помош од Банката за храна (фото, видео)


Илјадници луѓе во автомобили - некои од доцна попладне – чекаат да добијат прехранбен пакет од Банката за храна во Сан Антонио

Неверојатни фотографии објавија медиумите во САД на кои се гледаат илјадници граѓани кои со своите возила чекаат во километарски колони барајќи помош од Банката за храна.

Станува збор за непрофитна добротворна организација што обезбедува храна за оние кои имаат тешкотии да ја купаат доволно да не останат гладни. Некои од ваквите банки работат според моделот „фронт лајн“, односно храната им ја даваат директно на гладните, а други според моделот на „магацин“, посредувајќи во снабдувањето со храна за оние на кои таа им е потребна.

Во САД банките за храна повеќе им помагаат на бездомниците и на оние кои ќе се најдат во невоља, како во сегашната корона криза. Но, бројноста ги изненади сите.

Луѓе во Сан Антонио чекаат да почне дистрибуцијата на храна

Фотографиите што ги објави „Експрес њус“ се од една таква локација каџде што е сместена Банката за храна во близината на Сан Антонио. Уште во зорите илјадници луѓе со своите возила се собраа во околните сообраќаници и паркинзи . Станува збор за луѓе кои останале без работа поради актуелната криза и имаат проблем да обезбедат храна за своето семејство.

Во последните три недели се проценува дека околу 17 милиони Американци побарале надомест од осигурувањето во случај на губење на работа.

Како што пишува порталот, оваа непрофитна организација им помогнала со храна на околу 10.000 домаќинства.

Одделот за труд соопшти дека во четвртокот 6,6 милиони Американци аплицирале за бенефиции во случај на невработеност

„Денес беше навистина тешко“, рече претседателот и извршниот директор на Банката за храна, по најголемата еднодневна распределба во нејзината досегашна 40-годишна историја. „Никогаш не сме имале толку голема побарувачка како сега“.

И угледниот „Њујорк тајмс“ во текст посветен на оваа тема пишува дека милиони луѓе се нашле во незавидна ситуација и многу од нив го преплавија добротворниот систем кој никогаш не бил наменет да се справи со национална криза.

Потребата за итна помош од храна „експлодира“ во последните неколку недели како резултат на епидемијата на корона вирус

Така на пример, во Омаха, во објект кој обично опслужува помалку од 100 луѓе, сега се јавиле 900 лица на кои им била потребна помош во храна. Банките за храна се соочуваат и со недостиг на донации за да одговорат на зголемената побарувачка. Во државата Вашингтон и Луизијана, на помош била повикана Националната гарда за да помогне во пакувањето на пакетите со храна и да обезбеди дистрибуцијата да се спроведе непречено.

„Многукратно е зголемена побарувачката за помош во храна, но од друга страна банките за храна се соочуваат со недостиг на донирана храна и волонтери“, пишува весникот.

Пандемијата им создаде огромен товар на домаќинствата и на нивните буџети

Униформираните чувари помагаат да не ескалира ситуацијата при дистрибуцијата на пакетите полни со лименки пилешка супа, туна и свинско месо и грав, вели главиот извршен директор на една од банките за храна. Нивното присуство овозможува безбедност за време на дистрибуцијата, вели тој.

Волонтерии ставаат храна во задниот дел на автомобилот на маж кој носи маска

Токму во моментот кога се повеќе Американци имаат потреба од ваквите добротворни организации, тие се соочуваат со непредвидени проблеми. Банките за храна се потпираат на волонтерска работна сила, најмногу на пензионери. Но, поради корона вирусот постарите волонтери се засолнуваат дома заради сопственото здравје и безбедност – понекогаш по сопствен избор, а понекогаш и по налог на владите на сојузните држави.

Уште поалармантно е што многу од организациите што обично донираат големи количества храна сега се затворени. Рестораните, хотелите и казината не работат во целата земја. И продавниците за намирници, кои обично ги доделуваат непродадените залихи кога им се приближува крајниот рок на употреба, сега донираат помалку затоа што купувачите трупајќи домашни залихи, ги оставија полиците во овие продавници празни.

Најголемата мрежа на банки за храна, со повеќе од 200 филијали, предвидува недостиг од 1,4 милијарди американски долари само во наредните шест месеци. Минатата недела, Џеф Безос, основачот на „Амазон“, објави дека донира 100 милиони долари на оваа непрофитна организација што е најголема поединечна донација во историјата на Банката за храна, но дури и тоа е помалку од една десетина од сегашните потреби. (Н.В.)