Игри со бројки со платите во СЈО


Фото: Б. Грданоски

Поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева и другите обвинители во Специјалното јавно обвинителство никогаш јавно не излегоа и не соопштија колкави се нивните плати и примања во институцијата што беше формирана да ја врати правдата во Македонија. Сега кога институцијата е обезглавена и кога веќе не постои, сѐ погласни се шпекулациите колку потрошило ова Обвинителство за пет години и колку пари зеле обвинителите што работеа таму. Најгласна е опозициската партија, чии функционери сѐ уште се под обвинение во случаите коишто ги отвори СЈО, а сега веќе продолжија во редовното Јавно обвинителство.

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека за четири години Специјалното јавно обвинителство извлекло 12 милиони евра пари на граѓаните кои се потрошиле за плати и хонорари за обвинителите. Претходно претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, тврдеше дека СЈО потрошило 15 милиони евра пари од даночниците, а истото го тврди и пратеникот Антонио Милошоски, кој вели дека биле потрошени и плус пари од донации од Холандската, Американската и Шведската амбасада. Иако во јавноста официјално не беа соопштени платите на обвинителите, сепак од извештаите на Специјалното јавно обвинителство може да се пресмета колку пари биле потрошени во изминативе години.

Според извештаите на СЈО, кои се објавени на веб-страницaта на институцијата, во 2015 година Обвинителството потрошило 220 илјади евра за плати и надоместоци. Во 2016 година биле потрошени два милиони евра, во следната 2017 година биле потрошени 2,6 милиони евра. Во следните две години институцијата потрошила повеќе пари, односно во 2018 година се потрошени 3,1 милион евра, а во оваа година, која уште не е завршена, се потрошени 3,7 милиони евра. Според овие податоци, СЈО досега потрошило вкупно 12 милиони евра.

Во речиси секој извештај, Јанева се повикуваше на член 15 од Законот за СЈО и пишуваше дека парите се потрошени за плати и надоместоци на јавните обвинители и вработените, за набавка на стоки и услуги, трошоци за постапките, за советувања и мислење од експерти, пари за професионално унапредување на јавните обвинители и вработените и пари за одржување на просториите и опремата.

Опозициската партија, повикувајќи се на податоци од медиумите, обелоденија огромни суми пари кои како плата ги земале обвинителите. Според нивните информации, Јанева земала месечна плата од 330.000 денари, а обичен службеник 75.000 денари месечно. Според неофицијалните информации, обвинителите земале бонуси покрај месечната плата, но сумите биле класифицирани.

Сега кога Јанева е во притвор, а единствено таа е потписник на сите официјални документи на СЈО, опозицијата и власта најдоа плодно тло за манипулација со парите што се потрошени за СЈО. Опозицијата поднесе предлог до Собранието за да се формира анкетна комисија која ќе направи увид во работата на СЈО, но претседателот на Собранието го врати предлогот на доработка со образложение дека имало технички недостатоци. Пратеникот од опозицијата, кој е осомничен во една од постапките на СЈО, Антонио Милошоски, вели дека нема да се откаже од намерата и дека работењето и постапувањето на СЈО, порано или подоцна, ќе дојдат на дневен ред на некоја од наредните собраниски седници.

„Сметаме дека власта, доколку држи до својот глас за разрешување на Катица Јанева за незаконско, несовесно и нестручно работење, треба да дозволи формирање на анкетна комисија и треба да дозволи расправа за оваа точка, па ако сакаат СДСМ и ДУИ нека гласаат против. Ако имаат доволно аргументи дека СЈО работело законски, дека Катица Јанева работела совесно, стручно и законски, ќе имаме расправа на дневен ред и на пленарната седница нека се изјаснат, нека гласаат воздржано или против, но нека не го ускратуваат правото да се расправа за ова и да ги понудиме аргументите во таа насока“, изјави Милошоски. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вели дека им го вратил предлогот оти не го почитувале уставното име.

„Во член 3 и член 8 се вели дека треба да се стави уставното име на државата Република Северна Македонија. Оваа забелешка се однесува и на потписот на претседателот на Собранието, каде што недостигаат името и презимето на претседателот на Собранието на РСМ, Талат Џафери“, рече Џафери.

Ставот на власта е дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ имале можност да дискутираат на секои шест месеци за извештаите на СЈО, но не ја искористиле.

„Имаа можност пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. На секои шест месеци СЈО доставуваше извештаи до Собранието, тогаш пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со ништо не се вклучија во дискусија во однос на извештаите на СЈО. Ве уверувам дека ова е уште еден очаен обид од страна на ВМРО-ДПМНЕ на некој начин да се обиде да си ги амнестира криминалот и криминалците во сопствените редови“, изјави портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.

Во Специјалното јавно обвинителство е тешко да се дојде до официјални информации за нивните плати, со оглед на нивната состојба и нерешениот статус на таму вработените. Последните информации од таму се дека нема да коментираат политички обвинувања и не ги искоментираа ниту информациите дека Јанева и другите обвинители ги вработувале ќерките, синовите и нивни блиски роднини. Нивните вработувања најверојатно нема да се испитаат, со оглед на тоа што институциите тешко може да обезбедат документација од СЈО. (Ф.Ф.С.)