Играта на „џиновите“ ги руши перспективите на малите


Сè појасно станува дека промената на изборниот модел и натаму ќе остане само сон на помалите партии кои бараат една изборна единица и отворени листи. Силниот глас на политичкиот хоризонт што доаѓа од партиските џинови за квалитативна промена на изборниот модел се слуша во континуитет, но недостига вистинска акција во таа насока. Сето тоа изгледа повеќе манипулативно отколку искрено.

Клучните партии се со целосно спротивни ставови за тоа каков изборен модел треба да има, и тоа разидување, практично, им е аргументот дека засега чаре нема. Експертите, пак, се сомневаат дека постои вистинска политичка волја да се промени изборниот модел, ако се знае дека сегашниот им дава предност токму на големите партии, а тие треба да одлучат за поинаков модел кој би требало да претставува и делумно губење на нивната монополска улога.

Премиерот Зоран Заев вели дека како влада и како партија се подготвени за измени на изборниот законик и оти за нив се прифатливи и двата понудени модели – една изборна единица или отворени листи. Двата модела, смета премиерот, не може да се комбинираат. За тоа какво ќе биде решението, потенцира Заев, ќе се одлучи со консензус. Речиси истовремено лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прес-конференција рече дека неговата партија е за 120 изборни единици, односно мнозински модел.

„Да излеземе да го прифатиме моделот со 120 изборни единици и да одиме на предвремени парламентарни избори. Ако навистина сакаат граѓаните да го дадат својот глас онака како што треба и тој глас да биде вреднуван, да имаме демократски капацитет, да имаме навистина демократски избори, еве предлагаме 120 изборни единици и оној што во првиот круг ќе освои најмногу гласови тој ќе биде претставник на граѓаните во рамките на парламентот“, вели Мицкоски.

За промените во Изборниот законик сè уште нема никакви состаноци на ниво на меѓупартиски комисии. „Од она кое што беше последно лиферувано како информација во јавноста е дека се зборува исклучиво за пораките на ОБСЕ и ОДИХР што немаат никаква врска со изборниот модел што го слушаме и е тема денеска во јавноста за која што зборуваат и луѓето од СДСМ, но и претставниците на помалите политички партии“, вели Мицкоски.

Мнозинскиот модел што го бара опозицијата, според познавачите, форсира избор помеѓу два пратеника за една единица, во која губитникот неповратно ги губи гласовите. Односно, оној што во дадената изборна единица имал макар и еден глас повеќе станува пратеник (слично на градоначалничките или претседателските избори), а оној што имал макар и еден глас помалку ги губи своите гласови. Со тој модел нема да биде збогатен партискиот колорит имајќи предвид дека во огромен број единици во трка остануваат само двете најголеми партии во таа изборна единица. Проблемот, според експертите, е и во загубата на гласови од оние што нема да бидат избрани, правејќи огромен број гласачи да немаат соодветно претставување во власта.

Разлики постојат и во албанскиот политички блок. Во ДУИ останува на ставот за шест изборни единици, како што е сега, но велат дека може да се разгледува опцијата за отворени листи. Алијанса за Албанците бара изборен модел со 8 изборни единици, толку колку што има и развојни региони во земјава. Движењето Беса бара три изборни единици, но и отворени листи.

Дванаесет пратеници на помалите политички партии и еден независен пратеник неодамна покренаа иницијатива за промена на изборниот модел. Од претседателот на Собранието тие побараа да бидат вклучени во преговорите за измена на Изборниот законик со цел да се смени изборниот модел и наместо шест да има една изборна единица и отворени листи.

Со сегашниот изборен модел се случуваше политички партии или листи да имаат 30.000-40.000 гласа, тие да не бидат сконцентрирани во една изборна единица и на крајот да не добијат ниту еден пратеник.

„Многу е важно влијанието на малите политички партии, оти можеме да седнеме ние најголемите да договориме нешто што апсолутно ќе ги мајоризира помалите партии, а тоа не е добро. Ние се залагаме да се максимализираат тие гласови преку една изборна единица, иако СДСМ веројатно како најдобростоечка партија најмногу би изгубила, па второстоечката партија, па третата…“, рече вчера Заев.

Поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски, смета дека во земјава, која има искуство со сите изборни системи – и со мнозински и со пропорционален и со комбиниран систем, и притоа ниту еден од нив не ја наруши биполарната слика во парламентот – конечно треба да се воведат отворените листи. Воведувањето на овој пропорционален модел со отворени листи, според него, би значел поголема демократизација и би се обесхрабриле политичките елити да поставуваат на чело на листите личности што се со низок кредибилитет.

Во секој случај, според него, треба да се воведат отворени листи, а за бројот на изборните единици треба сериозно да се разговара. „Менувањето на Изборниот законик е комплексна работа. Тоа прашање треба да се отвори минимум една година пред изборите, а да се затвори шест месеци пред изјаснувањето на граѓаните“, вели Новаковски. Доколку се оди на една изборна единица, клучно ќе биде колкав ќе биде изборниот праг бидејќи нема земја во светот со една изборна единица и без изборен праг. На тој начин помалите партии повторно ќе имаат мака да влезат во парламентот, со оглед дека според одредени проценки ќе им требаат околу 30.000 гласа. (Н.К.)