Иџет Мемети ќе треба да се јавува во суд – одземен му е пасошот


Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје постапи по предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и му определи мерки на претпазливост на И. М., второосомничен во истрагата поврзана со примање награда за противзаконито влијание за што веќе информираа од ОЈО.

„По денешното произнесување на осомничениот во присуство на неговиот бранител, како и ценење на фактите и доказите во прилог на ОЈО ГОКК, донесе решение со кое предлогот се уважува. На осомничениот му се опредлуваат мерки за претпазливост од чл. 146 ст. 1 т. 2 и 3, односно обврска на осомничениот повремено да се јавува на определено службено лице во судот и одземање на патната и друга исправа за напуштање на државната граница, како и забрана за издавање нова.

Мерките важат до правосилноста на постпаката, а против ова решение странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на овој суд“, извести Кривичниот суд.

По завршувањето на рочиштето, Мемети во изјава за медиумите потврди дека Судот донел решение за мерка за претпазливост, додавајќи оти во интерес на сите е што побрзо органите да ја завршат работата околу овој случај.

„Друго повеќе не би сакал да зборувам, а мислам дека тоа не е добра работа затоа што и во мој интерес и во интерес на јавноста е што побрзо органите да ја завршат целата работа“, рече Мемети.

Одговарајќи на новинарско прашање околу тоа дека во два мандати бил народен правобранител, а сега е осомничен во предмет пред Кривичниот суд, тој рече дека како човек секако дека тоа го погаѓа, додавајќи дека на крајот ќе излезе дека не сторил ништо противзаконито.

„Видете, ова секако дека како човек ме погаѓа, меѓутоа и вчера имав изјава, не е добро да зборувам пред медиумите за работа која се води по судски пат. Но, ве уверувам дека многу брзо ќе заврши и на крајот ќе излезе дека ништо противзаконито не сум сторил“, рече осомничениот заменик-претседател на Советот на јавни обвинители.

Прашан за релациите со првоосомничениот во случајот, судијата Наке Георгиев, тој одговори.

„Ги знам јас сите, и обвинители и судии, и се дружам, разговараме, пиеме кафе, едно-друго“, рече Мемети. На дополнително прашање дали разговарале за предмети, тој кусо одговори: „Не“.