Идниот вицепремиер за добро владеење не живеел во Македонија


Арбен Таравари, еден од лидерите на коалицијата „Вреди“, во утринската емисија „Здраво Македонијо“ на Канал 5 рече дека Арбен Фетаи, кој ќе биде назначен за нов вицепремиер за добро владеење (за борба против корупција) се родил и живее во Брисел, а во Македонија би дошол да биде функционер на една-две години.

– Роден е и живее во Брисел. Ќе се врати специјално барем една до две години да биде тука во Македонија. Мислам дека има најдобро CV од сите што живеат во Македонија. Човекот ќе ја остави работата и семејството за oдреден период да биде тука и да работи посебно на темата – транспарентност, рече Таравари.

Тој потврди дека ќе биде нов министер за здравство и  јавно објави и дел од имињата на министрите од коалицијата ВЛЕН. Потврди  дека Изет Меџити ќе биде прв вицепремиер и министер за екологија, а Фатмир Лимани сигурно ќе биде министер за социјална политика.

Фетаи бил претседател на движењето Самоопределување на Албин Курти во Белгија и, како што пишуваат косовските медиуми, бил консултант во областа на меѓународниот развој со различни меѓународни агенции во Брисел од 2009 година. Тој  работел во Приштина во периодот 2004-2008 година како експерт за европски прашања со Програмата за развој на Обединетите нации и со проекти на Европската комисија. Дипломирал политички науки на Université Libre  во Брисел и магистрирал  надворешна политика на Европската унија на Институтот за европски студии во Брисел. Единствена врска со Македонија му е партијата на Арбен Таравари, бидејќи сите активности му биле поврзани досега со Косово.

Според информациите од тимот на Таравари, Фетаи  не живее тука но има потекло од Липково, има македонско државјанство и има имот  во Македонија, па и плаќа данок за него. Самиот Фетаи пак за „Независен“ рече дека е роден во Куманово и дека до 1989 година живеел во Македонија.