Иднината е во оддржлива мода и почит кон природните ресурси: Разговор со Лидија Георгиева


Ако гледаме на работите филозофски, во големата слика на креативноста, ништо не е загубено

 

Лејла Сабит

Модните недели во Лондон, Милано, Њујорк и Париз (ќе) се одржуваат виртуелно, а голем дел од светските дизајнерски имиња изјавија дека ќе го намалат бројот на колекции на годишно ниво, и ќе се посветат на создавање безсезонски парчиња и помали колекции. И гала настаните најавуваат претпазлив микс на социјално дистанцирани настани, целосно дигитални презентации, но и „phygital“ искуства, поврзувајќи ги виртуелното и вистинското.

Дали коронавирусот засекогаш ги смени модата и црвениот ќилим и дали кога ќе заврши пандемијата модата ќе се врати во нормала? Што не чека во иднина?

Реномираната модна дизајнерка и професор на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје Лидија Георгиева во разговор за „Независен“ вели дека желбата и потребата за привлечен изглед нема да згасне, но она што ќе мора да еволуира е начинот на кој ние како купувачи се однесуваме кон производот, кој бренд го поддржуваме и зошто.

Со богато модно портфолио создавано меѓу Париз и Скопје, со доволно идеи и енергија за нови модни приказни и проекти и како стилист, консултант и колумнист, таа потикнува. Еве го разговорот со Георгиева:

Модата во Ковид стана виртуелно и дигитално доживување без публика. Како на креативен план вас ви помина 2020 година?

Виртуелно . Шега на страна, работење од дома никогаш не ми било проблем. Во Париз работев на неколку места истовремено, во студио, кај компании и клиенти во канцеларија, на сет, а тука пак додатно на факултет, во театар, накратко – теренот е динамичен, зависно од потребата на денот. Но и покрај тоа, не знаев дека толку многу работи можат де са направат работејќи од дома скоро 90% од времето. Според принципите на слоу фешн имав серија авторски дизајни во склопот на мојата колекција, предавањата и испитите ги оддржав без ниеден пропуштен час, дизајнирав неколку изгледи за сопругата на претседателот на РСМ, изработив промотивно видео за ТМФ, имав бројни интервјуа, анализи и текстови по порталите, работев дизајн, стајлинг и консултации за најновиот видео спот на Пета, во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, и секако – редовната колумна што ја пишувам за Економија и бизнис. Она што мораше да се откаже беа театарските претстави, односно дизајнот на костими кој редовно го работам последниве години.

За оние кои се надвор од модната индустрија, интернет-стриминг на модни ревии и политиката „без гости“ може да изгледа како безначајно. Зошто треба да се грижиме за ревии на кои никогаш немаше да не поканат? Но, загубата на четири големи модни недели може да има големо влијание врз модната економија. Што мислите вие?

Ако гледаме на работите филозофски, во големата слика на креативноста, ништо не е загубено. Да, економските загуби беа големи, но не за сите, а јас навистина не можам да се грижам за компаниите кои поради трката за профит немаат проблем да ја загадуваат планетава. Ова е можеби повик за будење, алармот е вклучен, а што се однесува до ревиите – со публика или без, ние секако денес ги следиме онлајн, такашто информацијата транзитира без проблем.

Топ од свилен сатен и пудра розе пантолани од везена тантела, за кампањата на Пета

Со ревиите на вашите студенти од Технолошко-металуршкиот факултет бевте речиси редовни гости на Модниот викенд во Скопје кој веднаш се прилагоди на новите услови. Видовме две успешни изданија, едно дигитално пролетва и ланското есенско преку „привремен бутик“ (pop up store) за поддршка на македонската мода. Дали на овој начин и вие ќе се приклучите со новите креации?

Со задоволство се сеќавам на нашите ревии на СКФВ, кои слободно можам да кажам дека беа забележани и запаметени. Во моментов размислуваме како ќе се презентираме годинава, за жал минатата година беше комплицирано да се прилагодиме. Годинава имаме буџет и поддршка од управата на ТМФ за пристојно виртуелно покажување, а креативност и желба за работа никогаш не ни недостасува. Дури и мислам дека фактот што прескокнавме една сезона, кај нас создаде дополнителен набој за креативна експлозија, па покрај ревијата, веќе работиме на уште други два проекти.

Рачно плетен индиго џемпер, за кампањата на Пета

Годинава пандемијата може да потрае, а може да заврши. Каде ја гледате иднината на глобалната и на нашата мода?

Желбата и потребата за привлечен изглед нема да згасне, но она што ќе мора да еволуира е начинот на кој ние како купувачи се однесуваме кон производот, кој бренд го поддржуваме и зошто. Ќе мора да се обидеме да купуваме одговорно, но истото важи и за индустријата. Модата е еден од најголемите загадувачи на планетата, особено брзата мода, која со прекумерното производство не може да оди во недоглед. Иднината е во оддржлива мода и почит кон природните ресурси, без разлика на стилот, буџетот или технолошкиот напредок.

Колку одржливоста станува многу повеќе од една капсулна колекција за „еко маркетинг“ , а колку бизнис модел на функционирање?

Одржливата мода е сега планетарна обврска, транзицијата ќе мора да се оствари сакале ние или не – немаме алтернативна планета. Бизнис моделите ништо не ни значат ако нема кој да ги живее и ако ги уништиме основните средства за опстанок.

Продолжувајќи напред, одржливоста ќе стане – дури и повеќе отколку што беше порано – врвен приоритет за модата на црвениот килим. Такам барем сметаат познавачите.

Црвениот килим од денешна перспектива ми изгледа како прилично непотребен панаѓур на суети, но ајде да почекаме, па да видиме како еволуирале звездите на шоу бизнисот додека мирувале и медитирале вон камерите и центарот на вниманието. Идејата за гламур мислам дека веќе датира од некое друго време, а новиот гламур ќе треба да го редефинираме. Можеби футуризмот и технологијата ќе се комбинираат со грациозноста од минатото (која патем речено ми недостасува) па дури и декаденцијата… новава “декаденција” и провокативност ми се како чек без покритие. Можеби тоа го зборува бунтовникот во мене.

Рачно плетен џемпер, по принцип на слоу фешн

Колку новите услови не натераа да размислиме за што навистина се залага оваа индустрија, бидејќи дизајнот на еден начин е креативно решение на проблемите во општеството?

Индустријата не е монолит со едно глобално мислење. Монолитот на однесување и следење правила припаѓа на парите, финансиите и берзата, но тоа е спротивно на функционирањето на вистинските креативни умови. За среќа и во бизнисот денес постојат визионери и пасионирани претприемници кои навистина го даваат целиот свој жар во борбата за одговорно работење и наоѓање нови начини и технологии на производство.

Што е за вас совршенство при дизајнирањето?

Кога има мала провокација на несовршенство, кога нешто ситно пречи. Тука лежи шармот. Стремежот за совршенство, како и потребата за апсолутна контрола, ми е премногу ладен, не ме привлекува.

Првата дама проф.д-р Елизабета Ѓоргиевска со која што соработувате, е една од ретките во Македонија кои ги поддржува проектите на младите креатори, претприемништвото и на малите бизниси. Дали има најави за слична поддршка и од други државни институции или авторитети?

Првата дама има едуцирано око и точно знае како да го дозира својот изглед, во согласност со улогата која ја има во нашето општество. Ние сме во контакт за помали и поголеми проекти, а во моментов работиме на еден интересен предизвик. Нејзината поддршка е од големо значение за локалната сцена, би било добро доколку и другите фактори се приклучат. Македонските индустријалци и текстилниот кластер понекогаш се јавуваат за соработка со мене или со студентите, но добро би било тоа да се случува почесто. Со медиумите работам континуирано многу одамна, поддршката е веќе всушност соработка, без разлика за која платформа се работи. Но ако зборуваме за она што моментално доминира во пошироката јавност, како никогаш досега, пливаме во океан од кич, нестручност и сензационализам, па не гледам како од тука би дошла било каква поддршка. Тука само се продлабочува искривениот систем на квази вредности.

Излогот на бутиокт Виа кадешто се продаваат ЛГ дизајни