И за градскиот превоз во Скопје се чека трансфузија од Белград

Можеби и самиот Мицкоски го заборавил ветувањето пред локалните избори дека Скопје ќе добие 100 електрични автобуси и дека ќе гради фабрика за нив овде. Од тоа нема ништо, освен очајот на скопјани дека се изманипулирани и заборавени. Политиката ги уништи честа и достоинството на граѓаните


Најавите за 100 нови електрични автобуси одамна останаа само предизборно ветување. Кој знае дали на него се сеќава и оној што го даваше. Ама ако е предизборно, речиси е правило за време на мандатот да не се оствари, иако дел од гласачите ги избрале токму тие политичари да ја водат државата, заради токму тоа ветување. За да биде подобро, оти досега јавниот превоз на Скопје само пропаѓаше, го немаше, дури беше сопрен и поради штрајк, првпат во повеќедецениското постоење на јавното сообраќајно претпријатие.

Дека Скопје ќе добие 100 електрични автобуси ветуваше Христијан Мицкоски, кој заедно со својата партија силно ја поддржа независната кандидатка за градоначалничка Данела Арсова и ја подготвуваше нејзината изборна програма. Оваа неверојатна набавка ја засили и со план да се најде инвеститор кој би изградил фабрика во Македонија, каде би се произведувале такви автобуси, па од кај нас да се снабдуваат другите светски градови. Каква убава иднина, просто да сакаш да зацапаш во таа магла. А со магла, кај и да е ,ќе се обвитка Скопје. Што од издувни гасови од сообраќајот, што од оџаците на куќите, штом ноември стегне со цела сила на есенски месец.

Само што нема маглата да биде причина што нема да можеме да го видиме автобусот што го чекаме на постојка. Не, туку автобус навистина нема. Ни на почетна станица, ни попатно по рутите низ главниот град. Ученици, работници, здрави, болни, стари и млади чекаат превоз до училиште, до работа, до лекар, а секојдневно неизвесно е дали таму ќе стигнат на време.

Последно ветување, и тоа за да се подобри квалитетот на воздухот во Скопје особено во зима, е она на првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина, Изет Меџити, кој вели дека на Градот ќе му дадат шест еколошки автобуси. Како ли само ќе го подобрува квалитетот на воздухот Меџити, ако се знае, како што тврди директорот на ЈСП дека за градскиот сообраќај нормално да функционира му требаат 300 автобуси дневно?

Периодов се шпекулираше со бројка од 190 до 200 автобуси кои секојдневно се во промет, а на терен изгледа дека ни толку не возат. За приватните веќе со недели се знае дека возат само после 17 часот.

Најнова најава за некакво решение на градскиот сообраќај во Скопје стигна, од каде ако не од соседна Србија. Преку здружение на граѓани наречено Центар за локална самоуправа, стигна веста дека белградскиот градоначалник Александар Шапиќ има намера полските автобуси „Соларис“ да ги подари на Скопје или на некој друг град. Белграѓани се гневни. Не сакаат тоа да се случи. Во тоа гледаат политичка одмазда, затоа што така Белград би останал на турски и кинески автобуси, што според нив, се далеку под нивото на овие од „Сопларис“. Туку, тоа е нивни проблем.

Што е нашиот?

Брзиот автобуски транспорт не почна да се спроведува, затоа што на градоначалничката Данела Арсовска не ѝ се допаѓаше оти беше идеја на нејзиниот претходник Шилегов. Тој ги обезбеди и парите од ЕБОР за БРТ, за кои плаќаме пенали што не ги користиме. Кога се скара со поддржувачите од ВМРО-ДПМНЕ, Арсовска почна пред Советот на гласање да го става и БРТ системот, паралално со барањето за кредит за набавка на нови автобуси. Ама довчерашните другарчиња повеќе не ја играа, па не ги гласаа овие нејзини предлози. Владата, која реши да ги поддржи општините со 250 милиони, месецов распредели 100 милиони евра, пари од унгарскиот кредит, по проекти од општините, ама за инфраструктурни проекти, па не го поддржа барањето на Градот за набавка на нови автобуси.

Скопје е оставено да функционира со распаднат ЈСП систем. Со автобуси што едвај доаѓаат, а уште потешко се движат, што заради амортизираноста, што заради сѐ повеќето автомобили во сообраќај, оти луѓето се очајни во барањето чаре да стигнат од едниот до другиот крај на градот.

Ако го послушаме Мицкоски што кажувал пред две и пол години, и ако му го оствариме повикот, ќе треба да го апсиме. Имено, во интервју на една национална телевизија тој одговара на обвинувањата на СДСМ за набавка на 100 електрични автобуси, порачувајќи им дека доколку е грев тоа што оди по светот и бара фабрика да инвестира во Македонија сѐ со цел подобрување и на квалитетот на живот на скопјани и на подобрување на квалитетот на воздухот, тогаш веднаш да го уапсат и воопшто да не чекаат.

Мицкоски, исто така, во секој одговор на прашање од која и да е тема, милува да каже, „ако направиме ова… ќе речат…“

Е па, премиере, сѐ што можат да речат скопјани е: „Да не беше Груевски, и дел Шилегов, сега ќе немаше ни еден автобус на скопските улици.“ А за тие на Груевски, кои веќе може да се сметаат за амортизирани, имаше и судски постапки, за прекршување на Законот за јавни набавки. Но, прекршен или не, изречени казни или не, крвотокот на Скопје се движеше. Сега ќе чекаме трансфузија од Белград? Пред некое време од Србија изнајмивме локомотиви, сега автобуси, уште што ќе платиме дебело на Србија, за да функционираме како Македонија?