И по две години од донацијата на ЕУ, електричните велосипеди „фаќаат прашина“ во подрумот на Општина Велес


Поминаа две години откако Европската унија за Велешкото Езеро даде 20 електрични велосипеди за да можат граѓаните да се рекреираат и прошетаат околу езерот, без притоа да се загадува животната средина.

Сепак, поради невработеност за изнајмување, велосипедите останале неискористени, па сега треба да се проверат дали нешто им недостасува или треба да се поправат.

Дваесет електрични велосипеди, кои Општина Велес пред две години во септември 2021 година ги доби во рамките на проектот „Смарт езеро Младост“ со подршка од ЕУ, а се наменети за рекреација на посетителите кај велешко езеро веќе две години стојат неискористени во магацински простор на Јавното претпријатие Парк спорт. Ова јавно претпријатие кое треба да управува со нив, ги чека средствата во износ од милион денари колку што Советот на Општина Велес на седницата на 26 мај годинава одлучи да им даде за да вработат тројца вработени кои ќе управуваат и воедно ќе ги сервисираат велосипедите за изнајмување. Но, летото помина и уште Општина Велес не му ги префрли парите на ЈП Парк спорт за да вработи тројца и проектот да започне да се реализира. Просториите наменети за велосипедите и за вработените на велешко езеро „Младост“ се уште стојат празни.

Локалната власт со договор од 27 април 2022 ги предаде велосипедите на користење на ЈП „Парк спорт“. Зоран Јанев, директор на претрпијатието за МИА информира дека тие до Општина Велес доставиле план и програма за работење со електричните велосипеди, но без одобрената финансиска подршка од општината, електричните велосипеди не можат да бидат ставени во функција. Потенцира дека, бидејќи две години така стојат во магацините, тие не се во функција и најпрво ќе треба да се сервисираат.

– Прво треба да ги провери мајстор и што недостасува да поправи, за да можат да бидат функционали. За тоа по велосипед ни се потребни уште по стотина евра затоа што и дел од сајлите и гумите им се искривени од стоење, истакна Јанев.

И по две години од донацијата на ЕУ, електричните велосипеди „фаќаат прашина“ во подрумот на општина Велес