И оваа академска година студентите остануваат без два клучни дома за сместување

Иако Министерството за образование и наука минатата година најави дека „студентите следната академска година би требало да влезат во реновираните домови во Скопје“, конкурсот за сместување за 2025/2026 година покажува нешто сосема друго: студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу” повторно го нема на листата, објави денес Студентарија.
Од Студентарија истакнуваат дека и по повеќе од две години затворени врати, студентите нема да можат да се вратат во овој дом, и покрај бројните уверувања од Министерството за образование и наука.
Реновирањето на „Кузман“ започна во април 2024 година, а тогашната министерка Весна Јаневска изјави дека реконструкцијата ќе заврши за најдоцна 18 месеци, односно до октомври 2025 година. Но, последниот конкурс за сместување објавен од Министерството покажува дека домот повторно не е во функција.
Истовремено, веќе втора академска година ќе е затворен и студентскиот дом „Стив Наумов“, кој исто така е во фаза на реновирање. Со тоа, два од најзначајните студентски домови во Скопје остануваат недостапни за студентите, кои се соочуваат со сериозен недостиг на достоен простор за домување во текот на студиите.
Министерството за образование и наука вчера распиша конкурс за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните и приватните студентски домови во Македонија за студиската 2025/2026 година.
Студентите може да аплицираат на конкурсот за сместување во 11 државни и приватни студентски домови, а достапни се вкупно 4.264 легла, од кои 851 се предвидени за студенти од прва година, додека 3.413 легла се предвидени за студенти од втора до шеста година, како и апсолвенти.
Најголем број легла се достапни во студентскиот дом „Гоце Делчев“ односно 1.212, а 997 легла се достапни во студентскиот дом Пелагонија. (Мета)