И Наќе Чулев против одлуката на Пендаровски


Веднаш по прес-конференцијата на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, на која беше побарано од претседателот Стево Пендаровски да ја продолжи вонредната состојба, на Фејсбук се огласи и техничкиот министер за вантрешни работи, Наќе Чулев, каде во голема мерка ги повтори сличните ставови на Игор Јанушев.

Тој го анализира обраќањето на Пендаровски и се сомнева оти одлуката била донесена под политичко влијание. „Носењето на одлуката за непродолжување на вонредна состојба, без да се консултираат најважните институции во државата, отвора кај мене сомнеж дека одлуката е донесена повеќе врз основа на политичко влијание, а многу помалку врз основа на стручното мислење и реалните аргументи со кои располагаат институциите, стручни аргументи кои до сега беа тема на дискусија на седниците на Советот за безбедност. Факт е дека бројот на заразени од корона вирусот изминатите неколку денови е голем и тој треба да биде причина за многу посериозен пристап, не само при носењето на оваа важна одлука, туку и при постапувањето на сите инстититуции кои имаат одговорност во овој процес“.

Тој не е задоволен што Пендаровски минативе денови се консултирал само со министерот за здравство, Венко Филипче, а не и со него како министер за внатрешни работи. „Неговата позиција не дозволува одлуките кои се носат да бидат донесени без консултација со сите релеватни фактори, а уште помалку доколку во прашање е здравјето на граѓаните“.

Потоа тој вели дека Пендаровски индиректно го обвинил за непостапување на МВР во кризата. „Овие обвинувања се паушални и неосновани и истите се темелат единствено на изјави на одредени политичари од власта, а не на постапувањето на полициските службеници и бројот на констатирани прекршоци од страна на МВР за што говори и бројот на поднесоци до надлежните институции“.

Чулев вели дека дека „на државата ѝ се потребни функционални институции кои ќе ја вршат својата работа“, но заклучува дека прво треба „да го заштитиме здравјето на граѓаните, а потоа да размислуваме и за враќање во нормала на функционирање на демократскиот систем на државата“.