И Малта ќе ја признае Палестина


 Малта на денешната сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, официјално ќе ја признае Државата Палестина, изјави малтешкиот премиер Роберт Абела.

Тој додаде дека признавањето на Палестина е историско и оти Валета останува посветена на постигнување мир во регионот.

Малта го следи примерот на Велика Британија, Канада, Австралија и Португалија, кои вчера ја признаа Државата Палестина. 

Откако Генералното собрание на ОН ќе ја признае Државата Палестина и Белгија ќе мора да го разгледа нејзиното правно признавање, изјави денеска белгискиот министер за надворешни работи Максим Прево  При гостувањето на телевизијата РТЛ, Прево нагласи дека иако се уште не е утврден прецизен датум за тоа, Белгија останува посветена на признавањето на Државата Палестина. 

– Тоа е процес во два чекори: политичко признавање, што е силен дипломатски сигнал за постапките и ставовите на Израел, а потоа ќе дојде време и за правна формализација со кралски декрет, изјави Прево. 

Според него, признавањето на Палестина претставува „силна порака на меѓународната сцена“ бидејќи му се дава легитимитет на палестинскиот народ да има своја држава, но дека во моментов тоа не е најважното прашање. 

– Признавање зазема голем простор на медиумската и граѓанската сцена, што е нормално, бидејќи тоа е важно прашањето. Но, тоа не е најитната работа денес. Ако сакаме да им однесеме храна на оние што молат за храна, мора малку да ја свиткаме раката на израелската Влада преку санкции, за да ја натераме конечно масовно да дистрибуира хуманитарната помош во Газа. Мора да дејствуваме, оцени Прево. 

Европската комисија во средата предложи делумна суспензија на трговските повластици и поддршка за Израел и робустен пакет-санкции кон терористите од Хамас, екстремистичките министри во израелската Влада и кон насилните еврејски доселеници на Западниот Брег, кои треба да ги одбрат државите членки во рамки на Советот на ЕУ.