И Ковачевски нема да се меша во внатрешните прашања на Бугарија


Премиерот Димитар Ковачевски се надева дека преку соработка во економијата, бизнисот, образованието, Бугарија ќе го тргне ветото за отпочнување на преговорите со ЕУ. Тој се надева дека овие теми ќе надвладеат пред историските прашања, кои засега се пречка за Македонија да ги отпочне преговорите.

„Мојата и намерата на Петков е да разговараме за иднината и проекти за подобар живот на граѓаните на двете држави. Утре ќе разговараме за теми во областа на образованието, евроинтеграциите на Северна Македонија, економијата, трговијата… Во однос на историските прашања, секогаш велам дека тие треба да бидат дел од дебатата на историчарите, а довербата на граѓаните треба да се гради со подобар стандард за нив. Нашите позиции се кристално јасни, ние сме Република Северна Македонија, со засебен идентитет, говориме македонски јазик. Ние сме држава која кажала дека нема да се меша кај другите држави“, кажа премиерот.

Тој посочи дека главно е да се врати довербата меѓу граѓаните на двете држави.

„Јас се надевам дека прво низ работа, бидејќи ние со Петков нема да потпишуваме договори во однос на тоа што треба да го сработиме, туку низ работа ќе ја вратиме довербата меѓу граѓаните. Тука зборуваме за соработка помеѓу бизнис секторот, ќе ги повикаме стопанските комори да соработуваат, како и универзитетите меѓу себе“, додаде Ковачевски.

 

Во однос на малцинските права, тој го повтори ставот на Владата дека Северна Македонија нема да се меша во внатрешните прашања на своите соседи.

 

„Ние имаме различно уредување од Бугарија. Колективните права кај нив се обезбедуваат поединечно, кај нас со оглед на мултиетничкиот карактер на нашата држава, колективните права се остваруваат колективно и почитувајќи ги сите меѓународни договори. Сите граѓани можат своите права да ги остваруваат во рамки на Судот за човекови права во Стразбур“, рече Ковачевски.