И Годо ќе дојде во Скопје, ама автoбус никако
Животот во Скопје стана мачење. Крвотокот на градот олицетворен во ЈСП е пред инфаркт. Приказните за нови автобуси исчезнаа, голем дел од старите не можат да се поправат
Приватните превозници од јавниот градски сообраќај во Скопје, кои имаа за задача да ги надополнат линиите од автобускиот сообраќај за скопјани да можат навремено да стигнат на работа, во училиште, на лекар, не се во функција. Автобуси на ЈСП, сега во обратна улога, требаше да ги надополнат овие линии, но граѓаните на главниот град деновиве речиси да не можат да ги видат двокатните автобуси на, на пример, линијата број „23“.
Нервозни граѓани погледнуваат во дигиталните табли, на постојките каде ги има, гледајќи го распоредот и очекувајќи го автобусот кој им треба, но без разлика дали пишува за една, две, пет минути, тој никако не пристигнува. А, кога ќе дојде е преполн, затоа што на сите претходни постојки поминало доволно време да се соберат многу патници. Па, неретки се ситуациите кога вратите на автобусите се затвораат пред да влезат сите патници, некој ранец или торба остануваат потфатени меѓу вратите. Безбедноста како да не е една од најважните работи во превозот, во борбата да се качите во автобусот кој треба да ве однесе дома или на работа.
Овој хаос во градскиот превоз настана најпрво по историскиот штрајк на вработените во ЈСП (првпат од неговото вопоспоставување пред повеќе од 70 години, чии плати беа доведени во прашање. Потоа на штрајк се кренаа и престанаа да возат приватните автобуси на „Макекспрес“, а за неколку денови им се придружија и колегите од „Слобода превоз“, затоа што Градот им должи милиони за услугите во неколку изминати месеци. Еве ги денеска, паркирани пред канцелариите на Градот, дополнително го отежнуваат сообраќајот, место да помагаат тој да се одвива нормално.
Во есен, кога учениците тргнуваат на училиште, студентите одат на факултет и стандардно, работниците на работа, а времето често е дождливо, скопјани во голем број го користат градскиот превоз. Ваквиот превоз се смета и за поеколошки отколку со сопствените возила, а за уште поголем придонес кон екологијата, градоначалници купувале автобуси за ЈСП на течен гас, место на дизел горива. Се најавуваа и електрични! Ех, пусти желби…
Но, 380 автобуси, со колку штона хартија располага Јавното сообраќајно претпријатие, очигледно не се доволни да ги пренесат сите патници до посакуваната дестинација. Покрај најавите на градоначалничката Данела Арсовска за воведување нови линии, ноќни линии, линии до оддалечените приградски места, нови автобуси, крвотокот на Скопје е како пред инфаркт. И по една година од мандатот, Арсовска не успева ни да го задржи досегашниот систем на работа на градскиот превоз, а не пак да го подобри.
Дополнително, место да го исплати заостанатиот долг кон приватните превозници, го раскина договорот со нив, затоа, како што тврди Арсовска, не издаваат фискални сметки за билетите на патниците, не одржуваат хигиена во автобусите и не доаѓаат навреме на автобуските постојки. За условите во автобусите во кои се возат скопјани, честопати новинарите го прашуваа и претходниот градоначалник Петре Шилегов, кој велеше дека рацете му се врзани, оти договорот е потпишан на неколку години. Но, штом истече, Арсовска ни еден месец по стапувањето на функција не чекаше да ги продолжи договорите со истите приватни превозници и не побара подобри услови, од одржување на автобусите, до нивна климатизација или менување на возилата со понови, поеколошки стандарди. Се откажа и од БРТ системот на нејзиниот претходник, за кој беа обезбедени и пари.
Па, сега, крвотокот ни е затнат, ни стентови не помагаат. Црвените крвни зрнца ги нема или едвај се движат (стојат паркирани пред Владата, пред Град Скопје или во депоата на ЈСП). Градоначалничката се одлучи за хируршки зафат, односно, отстранување, на некротичниот дел од превозот – приватните автобуси. Но, од друга страна пак, бавно оди поправката на стоте автобуси на ЈСП за кои од почеток на мандатот тврди дека ги има во базите на ЈСП, но не се во функција. Изгледа нема лек кој доволно брзо би ги кренал на тркала овие возила за да го растоварат сообраќајот во Скопје. Срцето е отворено, чека брза одлука на хирурзите за да продолжи да чука и да го одржува крвотокот, кој пак ќе придонесе животот на градот нормално да се одвива. По жилите на Скопје се вози по план од осумдесеттите години на минатиот век – ова веќе е урбана легенда – а длабоко сме навлезени во 21. век, со неколкупати зголемен број граѓани во главниот град, иако бројот на автобуси во ЈСП е речиси ист со оној во осумдесетите.
Додека пациентот е во индуцирана кома, а дијагноза тешко се поставува, градските власти се распарчени, по партиска, лична, егоистична и нервозна основа, па секој тегне на своја страна. Поважни се обвинувањата кој и зошто го кочи буџетот, кој и зошто го скрил микрофонот од говорницата во Советот, градоначалничката самостојно се казни со седење во последна клупа, претседателот на Советот држи економски лекции како на предавање, често споменува како работел како министер за финансии, пратеничките групи се многу гласни во докажувањето на своите политики… Едноставно животот во Скопје стана мачење, а неговите жители страдалници
За тоа време, граѓаните на постојка го чекаат Годо. И тој ќе дојде, ама автобус никако.