И германската крајна десница од АфД се дистанцира од Трамп


 

Германската крајно десничарска партија Алтернатива за Германија (АфД) долго време бара блиски врски со администрацијата на Трамп во потрагата по моќни меѓународни сојузници и крај на политичката изолација дома.

Но, како што јавното расположение во Германија сè повеќе се свртува против американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот странски интервенционизам – особено неговите намери за преземање на контролата врз Гренланд и неговото зааробување на венецуелскиот претседател Николас Мадуро – лидерите на АфД се рекалибрираат, поставувајќи дистанца помеѓу нивната партија и американскиот претседател што претходно го прифатија, пишува „Политико“.

„Тој прекрши фундаментално изборно ветување, имено да не се меша во другите земји, и мора да им го објасни тоа на своите гласачи“, изјави Алис Вајдел, една од националните лидерки на АфД, претходно оваа недела.

Стоејќи покрај Вајдел, Тино Хрупала, другиот национален лидер на АфД, делумно го бранеше Трамп за следење на она што тој го смета за американски интереси во „сферата на влијание“ на земјата. Во исто време, тој го осуди и пристапот што го презема Трамп.

„Методите на Дивиот Запад треба да се отфрлат тука, а целта не секогаш ги оправдува средствата.“

Со дистанцирање од Трамп, лидерите на АфД го следат патот на крајнодесничарскиот Национален собир на Марин Ле Пен во Франција, чии лидери, поради длабоката непопуларност на американскиот претседател таму, беа многу покритични кон Трамп и ги гледаат обидите на неговата администрација кон европските националисти како товар. На пример, како одговор на ставовите на Трамп за Гренланд и Венецуела, претседателот на Националниот собир, Жордан Бардела, неодамна го обвини американскиот лидер дека негува „империјални амбиции“.

Спротивно на тоа, критиките на AfD оваа недела беа млаки; но дури и благо неодобрување беше ретко од лидерите на партијата. Од моментот кога Трамп го започна својот втор мандат, германската крајна десница ја смета американската идеолошка поддршка – вклучително и од милијардерот технолошки магнат Елон Маск и американскиот потпретседател Џ.Д. Венс – како клучна за зајакнување на домашниот легитимитет на партијата и кршење на „заштитниот ѕид“ што мејнстрим партиите историски го наметнаа за да ја спречат АфД да се приближи до власта.

Но, политичките ризици својствени за напорите на АфД да се здружи со Трамп исто така стануваат појасни. Анкетите покажуваат дека огромното мнозинство Германци остро се спротивставуваат на она што Трамп го кажа за Гренланд и што тој направи во Венецуела. Само 12 проценти од Германците го гледаат позитивно неговото работење, додека само 15 проценти ги гледаат САД како доверлив партнер, што е ново најниско ниво.

Непопуларноста на Трамп ги принудува лидерите на АфД да се обидат со незгоден балансирачки чин: да го критикуваат претседателот, а да не ги поткопуваат значителните напори што партијата ги направи за да воспостави врски со Трамп и неговата Републиканска партија.