И Филипче кандидат за лидер на СДС, ги кани ривалите на средба


 

Уште еден кандидат за нов претседател на СДСМ – Венко Филипче, поранешен министер за здравство и носител на изборната листа во Четвртата изборна единица. Покрај него, кандидатури најавија и Јован Деспотовски и Славјанка Петровска.

Во неговата објава на Фејсбук Филипче вели:

„Ветувам дека ќе водам кампања со највисока почит кон моите противкандидати. Сите ние сме пред сѐ пријатели и колеги и имаме заедничка цел – посилен и подобар СДСМ. Ова мора да биде натпревар на идеи и визии, а не бојно поле на лични напади. Нашата заедничка цел е да го зајакнеме СДСМ и да им служиме на граѓаните, затоа мора да пристапиме со единство и меѓусебно почитување“.

Филипче упати покана до своите колеги кандидати за претседателската функција во СДСМ за средба на која ќе ги договорат правилата на фер и демократска кампања во која, како што наведува, на крајот сите ќе излезат и помудри и пообединети. Филипче упати повик и до членството и симпатизерите на СДСМ и до граѓаните:

„Ве поканувам да ми се придружите на ова патување за реформирање и зајакнување на СДСМ, за создавање партија која вистински ги застапува вредностите и потребите на нашите граѓани. Заедно, можеме да изградиме попросперитетна иднина за сите“.

Тој наведува дека ќе понуди сеопфатен концепт и програма за обновување и реформирање на партијата по тешкиот пораз што го доживеа на парламентарните избори што се одржаа на 8 мај.

„Во следниот период ќе се посветам на дискусии и средби со членови и поддржувачи на СДСМ, но и низа поединци, групи и организации кои може да придонесат заеднички да ги поставиме темелите на обновата. Сакам да ги слушнам сите размислувања и идеи кои ќе помогнат да го вратиме СДСМ на победничките патеки и гордоста на нашите членови. Заедно, ќе ја обликуваме иднината што ќе ја одразува нашата заедничка визија за Социјадемократскиот сојуз на Македонија“, напиша Филипче.