И да се обезбедат пари, „Чебрен“ и „Галиште“ нема да може да се изградат без странски компании
Владата и АД ЕСМ се во поодминати разговори со меѓународни финансискии институции за обезбедувањето на околу 1,3-1,5 милијарди евра за проектот „Чебрен“ и „Галиште“, но дури и да се обезбедат финансиите, во нивната изградба ќе треба да се повикаат и странски комапнии. Ова денес, во одговор на пратеничко прашање, во Собранието го изјави премиерот Христијан Мицкоски, кој изградбата на хидроцентарлите ги смета за стратешки проект, за кој не треба да сег леда само од аспект на економската исплатливост.
Зборувајќи за чекорите кои престојат, Мицкоски рече дека се развива концепт, а следно е изработка на една физибилити студија.
„Имаме неколку физибилити студии кои треба да се ажурираат и да се создаде една физибилити студија“, рече Мицкоски додавајќи дека се во „сериозни разговори“ (АД ЕСМ и Владата) со потенцијални големи светски финансиски институции.
„Тука не мислам на комерцијални банки, туку на Светска банка, Европска инвестициска банка, ЕБРД…, кои што би требало да направат своевиден синдикат, да се здружат, да го обезбедат буџетот и на тој начин ние сето тоа да го развиваме“, рече Мицкоски.
Тој рече дека притоа има еден сериозен предизвик,посочувајќи на внатрешниот капацитет во градежниот сектор, односно дали како држава самите ќе може да го сработиме, или ќе треба да се повикаат компании кои што ќе дојдат од надвор да помогнат проектот да се изгради.
„За жал, во моментот, сите проекти кои што се почнати или ќе се почнат, или се планира да се почнат, односно ќе бидат „на шина“, се плашам дека нашиот домашен сектор може да сервисира нешто повеќе од една третина, или да не бидам столку строг, да бидам оптимист, околу половина од сето тоа. Така што ќе мора да бараме алтернативи да ги завршиме сите овие проекти“, рече Мицкоски.
Инаку, за него станува збор за стратешки проекти, за кои не треба секогаш да се гледа економска исплатливост.
„Јас сум убеден дека овој проект ‘Чебрен и Галиште’ има стратешко значење, не само за производство на електрична енергија, туку и за други намени“, рече тој.
Мицкоски рече дека во Владата има два концепти од правна гледна точка, кои во суштина не се спротивставени.
„Првиот концепт е да направиме синдикат на заемодаватели, станува збор за светски финансиски институции кои ќе обезбедат пари, со доволен грејс период додека трае градбата и потоа во одреден период да почнеме со поврат, односно компанијата АД ЕСМ, а вториот концепт е да одиме со јавно приватно партнерство“, рече Мицкоски.
Лично, како човек од фелата и како универзитетски професор, а сега и како претседател на Влада, тој смета дека треба да се исцрпат сите можности за да го реализираме самите, имајќи ги предвид климатските промени.
„Ценам дека не само нам како држава туку и на регионот му се потребни два вакви проекти кои што ќе обезбедат дополнителни количини вода, не само за производство на електрична енергија туку и за наводнување на Тиквешко поле, таму имаме 50-60 илјади хектари првокласна земјоделска земја, и ценам дека ваков повеќенаменски проект може да придонесе многу, а исто така може да го заживее Мариово, кое е како што знаеме црна точка, крајот е иселен, може да се развива како туристички центар и н“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека проектот ќе биде драјвер на економијата и ќе придонесе во порастот на БДП.
„Сепак 1,3-1,5 милијарди евра колку што отприлика очекуваме да чинии целокупниот проект, ќе го подобри генерално капацитетот на електроенергетскиот систем бидејќи ќе биде еден вид акумулатор на енергија и ќе може обновливите извори на енергија да ги компензира, така што со овој проект драматично ќе се зајакне стратешката позиција на државата“, истакна Мицкоски, додавајќи дека станува збор за долг проект, чија реализација би траела можеби десетина години.
„Суштината е да се почне и ние со развојот сме во подмината фаза. Ценам дека оваа каскада ќе се надополни многу добро на постојната хидроцентрала Тиквеш и ќе обезбеди енергетска стабилност, сигурност, и количини на вода за тој крај“, рече Мицкоски.