Хрватска запленила три јахти и блокирала шест компании поврзани со Русија
Хрватските власти досега заплениле три брода поврзани со правни или физички лица кои се најдоа на списокот на санкционирани од ЕУ поради руската агресија во Украина. Дознаваме дека се работи за бродови лоцирани во Риека, Бетина и Скрадин, но уште три брода наводно се поврзани со руски физички и правни лица, за чија блокада наводно се размислува. Една од блокираните јахти е, неофицијално, луксузната јахта „Royal Romance“, вредна околу 180 милиони долари во сопственост на украинскиот олигарх Виктор Медведчук, близок пријател на Владимир Путин, кој бил кум на неговата ќерка.
Покрај блокадата на компанијата „Термоелектрани Ѓуро Ѓаковиќ“, ова се првите блокади во Хрватска кои почнаа да се спроведуваат врз основа на одлуката на ЕУ за рестриктивни мерки во однос на дејствија кои го поткопуваат или загрозуваат интегритетот, суверенитетот и независноста на Украина. Засега не се знае кој е сопственик на другите блокирани бродови.
Наводно, блокирани се и банкарските сметки на некои фирми, а се споменува дека покрај „Ѓуро Ѓаковиќ ТЕП“ има уште шест фирми кои се поврзани со санкционирани руски правни или физички лица. Министерството за финансии се обидува да најде модел како да го одвои бизнисот на „Ѓуро Ѓаковиќ ТЕП“ од рускиот сопственик и да им овозможи да продолжат со работа. Зашто, целта на самите санкции не е да се уништи бизнисот што нема врска со рускиот сопственик, туку да се спречи користењето на економските ресурси, односно приватната сопственост за луѓето на тие списоци, кои поткопуваат или кофинансираат или се активно вклучени во агресија кон Украина и да се спречат да располагаат со тие средства со цел, меѓу другото, да вршат и еден вид притисок врз локалната државна политика.