Хрватска размислува за сопствена нуклеарна централа

Хрватското Министерство за економија размислува за изградба на сопствена нуклеарна централа наместо за можна соработка во изградбата на вториот блок од нуклеарната централа Кршко, пишува „Пословни дневник“.
– Експертите ќе одлучат дали ќе бидат мали нуклеарни реактори или класична нуклеарна централа. Со изградба на електрана на сопствена територија, добиваме геополитички и безбедносен контекст. Ова е патот што мора да го следиме – изјави хрватскиот министер за економија Анте Шушњар за „Нови лист“.
Во февруари беше свикана работна група за изготвување на законот за нуклеарна енергија. Беше објавено дека Хрватска планира да изгради мали модуларни реактори, што би можело да се случи за 10 години.
Експертот Тонќи Тадиќ повторува дека сите земји-членки на ЕУ размислуваат за модуларни реактори, па затоа верува дека „вистинскиот чекор е направен во вистинско време“.
Хрватска, преку државната компанија „Хрватска електропривреда“, поседува половина од компанијата НЕК, која управува со нуклеарната централа Кршко. Другата половина е во сопственост на ГЕН енерџи.