Хирург во Британија повредил најмалку 32 деца. Тие имаат нееднакви нозе, оштетени нерви…
Хирург во Британија е осомничен дека повредил дури 100 деца за време на серија неуспешни операции на нозе, открива независен извештај. Д-р Јасер Џабар, кој работел во познатата лондонска болница „Грејт Ормонд Стрит“ (GOSH), оставил десетици млади пациенти со сериозни повреди, хронична болка и можни доживотни деформитети, известува UNILAD.
Независниот преглед опфатил грижа за 789 пациенти кои биле под грижа на Џабар додека тој работел во GOSH помеѓу јуни 2017 и септември 2023 година. Истрагата открила дека најмалку 32 деца претрпеле сериозни последици, додека вкупниот број на засегнати пациенти може да достигне 100. Целосните наоди од прегледот ќе бидат презентирани пред одборот на директори на болницата на 29 јануари.
Некои од децата морале да се подложат на дополнителни корективни операции по процедурите на Џабар, а многумина останале со трајно оштетување на нервите и хронична болка. Адвокатите што ги претставуваат семејствата на жртвите велат дека некои од неуспешните операции резултирале со разлики во должината на нозете, оштетување на нервите, па дури и една ампутација.
Вработен во болница: Управата избегнува одговорност
„Значителен број загрижени семејства нè контактираа барајќи совет откако обемот на оваа истрага беше објавен. Она што е особено шокантно е големиот број на засегнати деца и фактот дека ова е светски позната болница, во која луѓето имаа целосна доверба“, рече Каролин Мургатројд од „Хаџел Солиситорс“.
Семејствата на жртвите ја обвинија болницата, која го нарачала независниот преглед, за „култура на прикривање“. Тие тврдат дека претходните извештаи за грижата што ја добиле нивните деца не ја одразуваат реалноста. Еден вработен во болницата го критикуваше раководството за избегнување одговорност и игнорирање на предупредувањата од персоналот. „Тие за сè го обвинија одделот и еден небрежен хирург. Но, нивниот неуспех беше да не одговорат на многуте жалби. Дури и откако излезе извештајот на Кралскиот колеџ на хирурзи (RCS), она што тие одлучија да го направат беше да ги повикаат консултантите кои сè уште беа таму, но извештајот на RCS ги критикуваше и извршниот тим и вишиот менаџмент. Оттогаш не видов никаква промена. Тие луѓе сè уште се на функција“, рече анонимниот вработен.
Болницата изрази длабоко жалење
„Длабоко жалиме за децата, младите луѓе и нивните семејства погодени од постапките на хирург кој работеше во GOSH помеѓу 2017 и 2022 година.
Ја разгледавме грижата на болницата за секое дете вклучено во случајот и ќе го споделиме нашиот извештај со семејствата следниот месец пред да биде објавен“, рече болницата Грејт Ормонд Стрит.
Д-р Јасер Џабар, од 8 јануари 2024 година, нема важечка лиценца за практикување медицина во Велика Британија.