Хичкоковски заплет за законот за јавно обвинителство


Ништо не е готово додека не е готово. Седницата на Собранието, на која ќе се расправа за законот за јавно обвинителство е закажана за 17 часот, но дали ќе почне тогаш и дали Владата има обезбедено 80 гласови за него никој не може да каже. Откако Владата го пушти предлог-законот во собраниска процедура се јавија многу незадоволници кои не се согласуваат со ова решение.

ДУИ проверува дали  во законот ги има одредбите за кои се договориле со колацискиот партнер СДСМ. Лидерот на партијата, Али Ахмети, по денешната средба со преставниците на Стопанската комора на Северозападна Македонија, изјави дека предлог-законот за јавно обвинителство е единствената верзија за која се договориле вчера во Владата и дека ниту една друга варијанта нема да биде прифатена од страна на ДУИ. „Постојано сум на средби и пред малку сум информиран дека законот претрпел некои измени“,изјави Ахмети.

Неговиот сопартиец Артан Груби, кој е претседателот на Комисијата за европски прашања, каде што треба да се разгледува документот, не може да потврди дали предлог-законот за јавно обвинителство ќе биде поставен на седница денеска. Тој се сомнева дека текстот е променет и не станува збор за содржината за која се договориле со СДСМ, па затоа ќе почека да види што предложела Владата.

Јован Митрески, координатор на пратеничка група на СДСМ, е уверен дека е постигната „доволно добра основа, ова законско решение да добие поддршка од најмалку 80 пратенички гласови. Пред граѓаните ветивме правда, силна правна држава и независно судство. Овој Закон тоа го овозможува.

Со законот се гарантира дека сите судски предмети кои произлегоа од СЈО ќе имаат правна завршница. Постапките за овие процеси ќе бидат професионални, фер, и базирани на докази“, рече Митревски на прес-конференција.

Алијансата за Албанците најави дека нејзините пратеници нема да гласаат за предложениот закон бидејќи пристигнатата верзија на законот во парламентот не била иста со договорената.

„Вистина е дека Алијансата на Албанците имаше свои забелешки на драфт верзијата на законот за обвинителство и голем дел од нив беа прифатени од министерката Дескоска. Но она што стигна во парламентот не е истиот предлог-закон. Во членот 110 се предвидува амнестија, а ние никогаш нема да прифатиме закон за јавно обвинителство кој овозможува амнестија “, изјави паретникот Сурија Рушити.

Членот 110 предвидува „бомбите“ да бидат докази само во случаите за кои се покренати обвиненија до 30 јуни 2017 година.

Независната пратеничка група, пак, јасно изјави дека ќе го поддржи предложениот закон. Во соопштението за јавноста на групата се вели дека „носени од интересот на граѓаните и зацртаната стратешка цел за понатамошни ЕУ интеграции ние одлучивме да оформиме став и забелешки кои законското решение ќе го подобрат. Апелиравме на јавна расправа и учествуваме во интензивни преговори“. Тие додаваат дека со одложената примена на овој закон се дава шанса за конечно усогласување на кривичниот законик со европското кривично законодавство.

Во оваа политичка бркотница ВМРО-ДПМНЕ го промени ставот околу „бомбите“. Претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, на прес-конференција побара „бомбите“ да важат како докази. „Согласно праксата на Европскиот суд за човекови права секогаш кога станува збор за разговори кои што се од јавен интерес тие треба да бидат докази во постапка. Тоа е наш став. И затоа ги повикувам останатите политички партии и пратениците да имаме заеднички став и да не го гласаат овој закон. И да побараме сето она кое што е од јавен интерес да биде дел од доказната постапка. Ако т.н. бомби важат за едни, ќе важат за сите. Особено за Зоран Заев, раководството од неговата партија, функционери од неговата влада“, рече Мицкоски. Тој тоа го поврза со случајот „Рекет“.

Во целиот овој заплет претседателот на Собранието Талат Џафери изјави дека парламентот нема да се распушти в среда на 12 февруари, туку на 16 февруари. Џафери до оваа промена на тајмингот Џафери дошол по консултациите со ДИК и добиениот одговор дека за спроведување на изборните дејствија се потребни 55 денови. Џафери остана оптимист дека партиите имаат доволно време да ги надминат разликите околу законот за обвинителство. (Н.В.)