Хејзел и Сандра се најавангардно облечените водителки во историјата на Евросонг

Базел – Водителките на годинешниот Евросонг во Базел – Хејзел Бругер и Сандра Студер избраа прилично впечатливи модни изданија за двете полуфинални вечери… За некои беа авангардни и досега невидени на оваа сцена, за некои одраз на лош вкус. Социјалните мрежи, како и досега, немилосрдни, се шегуваа на сметка на нивниот изглед.

„И, наградата за најлоша облека во историјата, носена од водители на ‘Евровизија’, оди кај #музичкиот фестивал #Евровизија2025“, гласи една објава.

Во првото полуфинале водителките носеа неонски зелен костум и сино одело со шарени детали… Но, синоќа и двете носеа облека од рециклирани материјали, а публиката беше особено шокирана од изданието на Хејзел Бругер, која се појави во сребрен фустан покриен со огромни светки. Ниту облеката на Сандра Студер не се разликуваше многу од тоа, бидејќи таа беше во хеланки со светки и јакна – исто така украсена со големи светки.

Сандра Студер е најпозната на фановите на Евровизија по претставувањето на Швајцарија на Евровизија во 1991 година со „Canzone per te“ каде што заврши на 5-то место. Таа стана успешна ТВ презентерка во Швајцарија и гостуваше во бројни емисии.
