Хаузер свиреше со Бочели во Њујорк
Виолончелистот од Истра беше специјален гостин на познатиот тенор Андреа Бочели на концертот по повод њујоршката премиера на неговиот филм
САД– Откако го одржа последниот концерт на прошталната турнеја 2CELLOS (имаа три концерти во Македонија – во Скопје и на Охридско лето) со Лука Шулиќ, истарскиот виолончелист Стјепан Хаузер се префрли во петта брзина и работи со полна пареа на својата независна кариера и на претстојната концертна турнеја „Rebell With A Cello“. Паузата до следните настапи ја искористи за да соработува со неговите познати колеги и пријатели, неодамна сними две песни „Vertigo“ и „Dirty Day“ со легендарните ирски рокери од групата U2 за нивниот нов албум „Songs of Surrender“, а деновиве, на покана на познатиот италијански тенор Андреа Бочели пристигна во Њујорк, објави Глориа.хр.

Стјепан Хаузер беше негов специјален гостин на промоцијата на филмот „The Journey: A Music Special from Andrea Bocelli“, кој оди во ограничена кино дистрибуција, а со своите музички способности воодушеви десетици илјади гледачи на специјалниот концерт на отворено во самиот центар на американската метропола.
Тој се прослави со неговите обработки на поп песни кои беспрекорно ги изведува на класичен инструмент во атрактивни аранжмани, што му донесе светска популарност, а неговите вештини ги препознаа и професијата и публиката, но и колегите музичари како Елтон Џон , Андреа Бочели, рок бендот Red Hot Chili Peppers и U2, и неговите најдобри години, според сите предвидувања, допрва доаѓаат.