Харисон Форд доби награда за животно дело, одржа емотивен говор
Лос Анџелес – Харисон Форд ја прими наградата за животно дело синоќа на доделувањето на Наградите на здружението на филмски актери за 2026 во салата „Шрајн“ . Легендарниот актер одржа емотивен говор во кој се осврна на својата кариера и им се заблагодари на своите најблиски.
Емотивен говор пред колегите
83-годишниот Форд, видливо трогнат, ја прими наградата од својот пријател Вуди Харелсон.

За време на осумминутниот говор, очите му се наполнија со солзи, како и многумина во публиката. „Понекогаш создаваме забава, понекогаш создаваме уметност. Понекогаш имаме среќа и ги правиме и двете истовремено, и ако сме навистина среќни, од тоа заработуваме за живот“, рече Форд.
„Успехот во овој бизнис носи одредена слобода, но со него доаѓа и одговорност – да се поддржуваме едни со други, да помагаме кога можеме, да ја отвориме вратата за следното дете кое сè уште го бара своето место“, продолжи тој. „Јас сум навистина среќен човек. Среќен сум што ги најдов моите луѓе, среќен сум што имам работа што ме исполнува и среќен сум што сè уште ја работам. И не земам ништо од тоа здраво за готово.“

Благодарност до сопругата и колегите
На крајот од својот говор, тој особено им се заблагодари на своето семејство. „Сакам искрено, од дното на моето срце, да им се заблагодарам на моите колеги, на мојата прекрасна сопруга Калиста и на моето семејство, кои ми дадоа љубов и храброст низ сето ова. Благодарност и до здружението SAG-AFTRA што ме почести со оваа награда“, рече Форд, кој е во брак со Калиста Флокхарт повеќе од 15 години.
На почетокот од својот говор, тој се пошегува дека е само „на половина од својата кариера“, а за време на благодарноста, ги спомена и Џорџ Лукас, Стивен Спилберг, покојниот директор за кастинг Фред Рус и поранешната менаџерка Патриша Меквини, нагласувајќи колку многу влијаеле на неговиот пат. „Тешко е да се влезе во овој бизнис. Во мојот случај, беше тешко да се излезе од него – фала му на Бога, бидејќи го сакам она што го правам“, рече тој во еден момент.
Кариера што обележа генерации
Наградата за животно дело, според SAG-AFTRA, „се доделува на актер кој ги отелотворил највисоките идеали на актерската професија“. Во соопштението, исто така, се наведува дека „Форд ја воодушеви публиката низ целиот свет низ годините со улоги што го дефинираат жанрот и ликови што станаа дел од популарната култура“, истакнувајќи дека тој дал „значаен придонес во хуманитарните и еколошките каузи“.
Ова е само една од низата награди што Форд ги добил во последните години. Актерот ја доби наградата „Избор на критичарите“ за животно дело во 2024 година и почесната Златна палма на Канскиот филмски фестивал во 2023 година.
Кариерата на актерот роден во Чикаго започна во 1960-тите, а неговиот пробив се случи во 1973 година со улогата на Боб Фалфа во филмот „Американски графити“. Кратко потоа, тој го играше Хан Соло во „Војна на ѕвездите“, а во 1981 година за прв пат го играше археологот Индијана Џонс.
Неговата филмографија вклучува и наслови како што се „Прислушување“, „Апокалипса денес“, „Истребувачот“, „Сведокот“ и „Вработена девојка“. Моментално глуми во серијата „Смалување“, во која го толкува ликот на терапевт кој страда од Паркинсонова болест.