Хаос со сметките за комуналии во Тетово – странската фирма направи низа грешки


Општина Тетово собирањето и депонирањето на комуналниот отпад, преку јавно приватно партнерство го додели на словенечката компанија ,,Заубермахер”, а при доаѓањето на првата сметка вода и комунален отпад, пред ЈКП Тетово се собраа револтирани граѓани, јави ТВ21.

Тие се жалат дека сметките повеќекратно им се зголемиле, дека им стига сметка на повеќе членови од семејство, како и дека им стигаат сметки за гаражи, подруми, односно објекти кои ниту се приклучени на водоводниот систем.

Во врска со ова реагираше и директорот на Комисијата за односи со верските заедници, Даријан Сотировски.

Тој вели дека помпезно најавуваната странска компанија веќе со првото фактурирање направила низа грешки.

„Општина Тетово собирањето и депонирањето на комуналниот отпад, односно собирањето на отпадот и негово одлагање во депонијата Русино, преку јавно приватно партнерство го додели на компанијата ,,Заубермахер”. Има неколку моменти и аспекти кои мора да бидат расчистени или воочени. Општина Тетово за прв пат комунална услуга која ја давала преку Јавното комунално претпријатие ја дава на приватно правно лице.

Зачудува тоа што странската компанија наводно од Словенија која беше помпезно најавена со црвени килими на градскиот плоштад избрала седиште и единствена деловна единица да има во село Долно Палчиште, општина Боговиње.

Исто така зачудува неподготвеноста. Оваа компанија добила огромен бизнис и одговорност, а веќе со првото фактурирање направила низа грешки во пресметките, па денес сите зборат за паушално определените износи ,,истресени од ракав”. Спорно за мене е и тоа што Општината сметала дека на овој начин ќе го реши проблемот на товар на граѓаните.

За да имаме чисти улици меѓудругото потребен е беспрекорен систем на собирање и транспорт на отпадот во Русино. Но, со што „Заубермахер“ ќе биде поуспешна од ЈКП? Чистите улици се условени и од одржување на јавната чистота, редовното метење и миење на улиците, урбаната опрема низ градот, комуналните редари и инспекција, собирањето на градежниот и кабастиот отпад и шут и контролата врз градилиштата, маркетите, како и утврдување на обврски за секој кој јавните површини и улици ги затрупува со земја, песок, амбалажи и друг отпад.

Сега плаќаме многукратно повеќе за само еден дел од сѐ она што може и би требало да се преземе за да имаме чисти улици, а пак улиците ни се полни со отпад!

За мене е спорна и методологијата за пресметка. Се наплаќа согласно податоците од Катастарот, односно по метри квадратни. Дали тоа значи дека дивоградбите кои ги има во голем број нема воопшто да плаќаат за оваа комунална услуга?

Што во случај кога самец живее во куќа или стан со скромни примања на пензионер, што со ова иселување во странство е сѐ почест случај? Што во случај на социјално ранливи категории на граѓани? Методологијата само квадратура е погрешна. Каде е и аспектот тип на отпад и количина? Зошто не е увидена ретката, а одлична можност да се стимулира за прв пат селекцијата на отпадот во Тетово во замена на помала комунална такса?

На крајот, генерално ми смета што при решавањето на важни прашања никогаш не се вклучува јавноста, по чиј грб на крајот се сè чувствува“, напиша Сотировски.