Хамас ја ослободи Агам Бергер, последната жена војник
Хамас денеска во Џабалија, Газа, ја ослободи Агам Бергер, последната жена војник која ја држеше во заложништво. Агам Бергер имаше само 19 години кога беше киднапирана од воената база Нахал Оз на 7 октомври 2023 година. Нејзиното семејство рече дека таа пристигнала во полигонот за да служи како „набљудувач“ само два дена пред нејзиното киднапирање.
Таа има три браќа и сестри – сестра близначка и двајца помали браќа.
Таа наполни 20 години додека беше во заробеништво.
Агам Бергер е последната од седумте женски војници кои беа киднапирани од воената база Нахал Оз и беа вратени во Израел.
Една од седумте војници, Ори Мегидиш, беше спасена од израелските сили на 30 октомври 2023 година. Друга жена војник, Ноа Марчијано (19), беше убиена во Газа, а нејзиното тело беше пронајдено од израелската војска на 17 ноември 2023 година.
Останатите пет жени војници не беа ослободени како дел од краткотрајниот договор за прекин на огнот од 2023 година, и покрај договорот со кој се бараше ослободување на сите жени и деца кои се држат во заробеништво. Хамас рече дека нема да ги ослободи поради нивниот статус на активни војници.
Четири од петте жени – Карина Ариев, Даниела Гилбоа, Наама Леви и Лири Албаг – беа ослободени минатата сабота, како дел од вториот круг на ослободување заложници.
Видеата од киднапирањето на жените станаа симболика на бруталноста на нападите на 7 октомври.
На една снимка се гледаат младите жени наредени до ѕид облечени во пижами, со врзани раце, со модринки и крвави тела. Видеото беше објавено од семејствата на жените во мај за да извршат притисок врз израелската влада да обезбеди договор за нивно ослободување. Израелските одбранбени сили (ИДФ) во тоа време признаа дека не успеале да го одбранат својот персонал во базата Нахал Оз.
Семејството и пријателите на Агам Бергер се собраа во четвртокот наутро за да го гледаат и слават нејзиното ослободување од Хамас во Газа.
Семејството на Бергер објави соопштение во кое се вели: „Фала му на бога што стигнавме до овој момент, а нашиот херој Агам се врати кај нас по 482 дена во непријателски раце. Сакаме да им се заблагодариме на безбедносните сили и на целиот народ на Израел за нивната поддршка и молитви“.
Околу пладне се очекува ослободување на уште двајца заложници, кои се цивили. Ослободувањето треба да биде во Кан Јунис, јужна Газа, каде што се очекува да бидат ослободени уште двајца израелски заложници – Арбел Јехуд и Гади Мозес од страна на Палестинскиот исламски џихад.
Во исто време кон изралескиот затвор „Офер“ на Западниот Брег тргнаа автобуси кои треба да прифатат 110 ослободени палестински затвореници. Меѓу нив се 30 деца и 32 кои се осудени на доживотна казна, како што соопшти Хамас.