Гутереш пристигна на самитот на БРИКС во Русија
Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш утринава пристигна во Русија, каде што ќе присуствува на самитот на БРИКС во Казањ, објавија локалните власти на Телеграм.Гутереш беше пречекан од шефот на парламентот на Руската Република Татарстан, Фарид Мухамечин.Генералниот секретар на ОН ќе се сретне со „голем број лидери што учествуваат на самитот“, соопштија од ОН.
Кремљ за утре најави средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и Гутереш, кој е првпат во Русија од април 2022 година.
Алијансата, чија цел е да му се спротивстави на светскиот поредок предводен од Западот, првично ги вклучуваше Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, но оваа година почна брзо да се шири. Иран, Египет, Етиопија, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија се приклучија во јануари; Турција, Азербејџан и Малезија официјално аплицираа за членство, а уште неколку земји изразија желба да станат членки.