Гутереш ги предупреди Кина и САД да избегнат нова студена војна

Пред две години, Гутереш ги предупреди светските лидери за ризикот од поделба на светот на два дела, при што САД и Кина создадоа „ривалски интернет, валута, трговија, финансиски правила“ и свои геополитички и воени стратегии.
Тој го повтори тоа предупредување во интервјуто, додавајќи дека двете ривалски геополитички и воени стратегии ќе претставуваат „опасност“ и ќе го поделат светот.
„Ние мора по секоја цена да избегнеме студена војна која би била различна од претходната и веројатно поопасна и потешка за управување“, рече Гутереш.
Тој додаде дека договорот меѓу САД и Велика Британија за да и се помогне на Австралија да изгради подморници со нуклеарен погон за да можат да работат незабележано во Азија е „само мал дел од посложената загатка за целосно дисфункционален кинеско-американски однос“.
Во интервјуто, генералниот секретар се осврна на три главни прашања со кои светските лидери ќе се соочат оваа недела: влошување на климатската криза, пандемијата на коронавирус и неизвесната иднина на Авганистан под талибанска власт.
Говорејќи за улогата на ОН во Авганистан, Гутереш оцени дека е нереално да се очекува дека мисијата на ОН во Авганистан „одеднаш ќе успее да создаде инклузивна влада, која ќе гарантира почитување на сите човекови права, искоренување на тероризмот и трговијата со дрога“.
„На крајот на краиштата, САД и многу други земји имаа илјадници војници во Авганистан, потрошија милијарди долари и не беа во можност да ги решат проблемите на земјата, а некои веруваат дека ги влошиле“, рече Гутереш.