Танзаниецот Гурна добитник на Нобеловата награда за литература


Нобеловата награда за литература годинава ја доби Абдулразак Гурна.

Тој е награден за „неговиот бескмпромисен и сочувствителен продор во ефектите на колонијализмот и судбината на бегалците во провалијата меѓу културите и континентите“, објасни Шведската кралска академија.

Посветеноста на лауреатот кон вистината и неговата аверзија кон поедноставување се впечатливи, се наведува во соопштението.

Неговите романи избегнуваат стереотипни описи и отвораат поглед кој културната разноликост на источна Африка, непозната на многумина во другите делови од светот.

„Во неговиот книжевен универзум сѐ се менува – сеќавањата, имињата, идентитетите. Бескрајното истражување водено со интелектуална страст присутно е во сите негови книги, а подеднакво истакнато е и во „Afterlives“ (2020), како кога почна да пишува како 21-годишен бегалец“, наведоа во текот на прес-конференцијата.

Абдулразак Гурна објави десет романи и бројни кратки приказни. Проблемот на бегалците како тема се провлекува низ неговите дела. Почна да пишува како 21-годишник во егзил, и иако свахили му е прв јазик, англискиот му стана негово книжевно орудие, соопшти денеска Шведската кралска академија.

Гурна е роден во 1948 година во Занзибар во муслиманско, арапско семејство. Во 1968 година, бега од антиарапски настроениот Занзибар и заминува во Велика Британија, каде се школува.