Груевски куртули за „мерцедесот“, затворот му застаре


Никола Груевски веќе шест години е бегалец во Будимпешта

 

Заврши периодот во кој Никола Груевски ќе одеше во затвор за издржување на казната од две години за набавката на службениот „мерцедес“ во случајот познат како „Тенк“.

Тој беше правосилно осуден на 4 октомври 2018 година и по шест години му застарува одлежувањето на казната.

Според законот, „застареноста на извршувањето на казната настапува во секој случај кога ќе помине двапати онолку време колку што според законот се бара за застареност на извршувањето на казната“. Застарувањето е на 4 октомври 2024.

Во казната на Груевски, делото застарува за три плус три години.

За истиот предмет Гордана Јанкулоска беше правосилно осудена на 4 години затвор, а Ѓоко Поповски на 4,6 години затвор. Тие ги одлежаа казните.

На поранешниот премиер му преостанува да одлежи една и пол година затвор за случајот „Насилство пред Општина Центар“, која му застарува за три години, односно во 2027 година.

Најдоцна му застаруваат деветте години затвор за случајот „Плацеви на Водно“, во 2043 година. Но, во овој случај, Груевски е осуден во отсуство, и кога би се вратил, би можел да бара повторување на постапката, што значи дека би му се судело одново.

Во текот на годините и по измените на Кривичниот законик му застареа предметите ТНТ, за уривањето на комплексот „Космос“ и „Траекторија“, за провизиите за изградба на автопатиштата. Измените го спасија Груевски и од обвинението за случајот „Скопје 2014“, „Феникс“. Груевски избега во Унгарија во ноември 2018.